Фото: пиксабеј

Претседателот на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, Марк Ворнер, рече дека премногу луѓе имаат пристап до најтајните информации на американската влада и дека тоа треба да се преиспита.

Објавата доаѓа по големото протекување на податоци на Пентагон, во кое обвинетиот гардист на воздухопловните сили Џек Тешеира ги украл податоците и ги споделил на социјалните мрежи.

Тоа се смета за најголемо истекување на податоци во САД откако повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски телеграми беа пронајдени на веб-страницата Викиликс во 2010 година, – пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Демократот Ворнер, за „ABC News“ изјави дека повеќе од четири милиони луѓе имаат пристап до доверливи информации на американската влада.

Силната позиција на сенаторот од Вирџинија има одредена тежина во време кога администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го испитува управувањето со разузнавањето и бара начини да спречи идни протекувања.

САД имаат бројни разузнавачки агенции кои споделуваат информации, а Ворнер рече дека ситуацијата налага тоа да се реши.

– Ни треба некој кој ќе биде одговорен за доверливоста на податоците и мислам дека доверливите документи треба да бидат достапни за помалку луѓе – рече Ворнер.