Но судејќи според првичните партиски реакции, ден по Велигден, односно на светиот понеделник, може да се забележи дека продолжија меѓусебните политички бесполезни расправии, непријателства, поделби и обвинувања за криминал, корупција, велепредавство итн. Но да ја оставиме за миг политиката настрана и во духот на празникот да се задржиме на правењето добри дела, што впрочем извира и од Божјата наука. Какви се навистина очекувањата на граѓаните и како заедно да придонесеме за поголем просперитет, напредок и благосостојба на нашата татковина
Празниците секогаш инспирираат и носат во себе надеж за подобро утре. Така беше и овој пат за време на празнувањето на најголемиот христијански празник Велигден. И пораките што одекнаа, и од политичарите и од свештениците, ја содржат во себе истата таа нишка на верба, надеж, љубов, хармонија, оптимизам. Сублимирано, велигденските пораки се за да внесеме светлина и топлина во нашите животи, осмислувајќи ги и спротивставувајќи им се на сите кризи, проблеми и искушенија.
Сето ова убаво звучи и нема кој не посакува таа хармонија да трае што подолго. До следниот Велигден, и тој по него и така во недоглед. Но желбите се само желби, убавите зборови само зборови, а домашната реалност нешто сосема друго. Празнувањето заврши и веќе од денес се враќаме на старите теми и проблеми, кои веројатно ќе ги нарушат посакуваната хармонија и толку посакуваното сенародно единство. Патем, судејќи и според првичните партиски реакции, само ден по Велигден, односно на светиот понеделник, може да се забележи дека продолжија меѓусебните политички бесполезни расправии, непријателства, поделби и обвинувања за криминал, корупција, велепредавство итн.
Но да ја оставиме за миг политиката настрана и во духот на празникот да се задржиме на правењето добри дела, што впрочем извира и од Божјата наука. Какви се навистина очекувањата на граѓаните и како заедно да придонесеме за поголем просперитет, напредок и благосостојба на нашата татковина. Многу едноставно. За почеток, доволно е само да се придржуваме до Христовото учење и евангелските пораки. Зашто единствено доброто, правдата, незлобата и љубовта го сочинуваат вистинскиот живот. Во Македонија, за жал, правдата како да стана мислена именка, нешто што е имагинарно недофатливо за секого. Или, пак, правото и правдата се третираат како да се предмет на некаква стоковна размена, на трговија и пазарење меѓу различни чинители во државата и надвор од неа. Секој си зема за слобода да ни кажува што треба да правиме, да ни диктира, да нѐ уценува, притоа не водејќи воопшто сметка за македонските национални интереси. Се посега и по Уставот на државата, како највисок правен акт, без да знаеме каде ќе нѐ однесе тоа и што ќе донесе за мнозинскиот македонски народ и за државата. Ваквите замешателства и внатрешните политички поделби секако не водат до толку посакуваното сенародно единство.
Одиме понатаму. Аурата на неказнивост, беззаконие и понатаму е присутна во одредени сегменти на општественото живеење. Македонија е членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ и ваквите појави, налик на сцени од Дивиот Запад, се недозволиви. За да им биде добро на сите, правилата и законите мора да важат еднакво за сите. Не смее да се дозволи и понатаму во одредени општини и делови од државата да не се плаќа данок, да не се плаќа струја, а сето тоа институциите на државата и понатаму да го толерираат. Тоа не се ниту христијански, ниту европски вредности. Во делот на уставно загарантираната и прокламирана социјална правда и социјална еднаквост треба да се поведе многу повеќе сметка за потребите и барањата на граѓаните, наместо на задоволување на потребите на одредени интересни групи, на партиите или на функционерите. Само така на дело ќе се покаже и докажа Христовата проповед за правење добри дела и љубов кон човекот. Впрочем, дали може да зборуваме за некаква социјална правда ако и онака високите приходи на функционерите се зголемат за дополнителни близу 80 проценти, а истовремено примањата на најранливите категории граѓани останале исти или пораснале незначително. Тоа не се ниту христијански, ниту некакви европски вредност. Зашто цената на храната, енергентите и другите трошоци за живот се покачија за сите, но не пораснаа и приходите за сите.
И како што порача во своето велигденско послание поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во ова време кога засилено се поддржуваат и се шират овоземни, минливи и распадливи вредности, ние, како православен народ, треба да се придржуваме до евангелските пораки, не заборавајќи дека Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Единството во православието и признавањето на нашиот автокефален статус нека ни бидат поттик за градење и за чување на нашето духовно и национално единство.
И, секако, да се чуваме од меѓусебни поделби, кои водат до нарушување на нашето сенародно единство. Притоа да не забораваме и дека нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел ги имал Христа Бога и неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал црквата.