Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе нова одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 проценти во однос на одлуката од 18 мај 2026 година.

Според пресметките на РКЕ, иако референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат намалување, кај бензините за 0,723 проценти, кај дизелот за 0,982 проценти, кај екстра лесното масло за 0,545 проценти и кај мазутот за 0,348 проценти, зголемувањето на курсот на денарот во однос на доларот за 1,0116 проценти влијаеше врз конечната корекција на цените на домашниот пазар.

Согласно новата одлука, од 27 мај 2026 година од 00.01 часот, максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 87,50 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 89,50 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 92,00 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 94,00 денари за литар
  • Мазут М-1 НС – 51,144 денари за килограм

Со оваа одлука, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), поскапуваат за 0,50 денари по литар, додека цената на дизелот останува непроменета.

Кај мазутот, малопродажната цена се зголемува за 0,330 денари по килограм, па новата цена ќе изнесува 51,144 денари за килограм.

Од РКЕ потсетуваат дека ова се максимално утврдени цени, што значи дека трговците на големо и мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените и пониско од највисоките утврдени износи.