Државата Могабо Сесесеку

Деновиве, од сигурно непроверени извори, чув несекојдневна информација. На господинот Метју Нимиц, проверено недокажан пријател на Македонија, му било предложено да го промени името или, ако не сака, да има барем две имиња: едно, со кое ќе се именува како ќе посака; второ, со кое другите ќе можат да го именуваат како што ќе посакаат. Предложеното име било Метју Могабо, со можната додавка Сесесеку. Господинот Нимиц реагирал навредено. Објаснил дека неговото име е Метју Нимиц и дека не може поинаку да го именуваат. За таа цел го покажал и крсниот лист во кој јасно пишувало дека името му е Метју Нимиц, а не некојси Могабо Сесесеку. Според тоа, заклучил г. Нимиц, секое негово поинакво именување би било наспроти неговото право име и дека, токму затоа, би било незаконско, па дури и неуставно.

Предлагачите, наречени о л е с н у в а ч и, му објасниле дека во тој поглед не постои правна или уставна пречка. Доволно било, го советувале, во неговиот крстен лист, покрај името Метју Нимиц, да го додаде името Сесесеку, со можната додавка Могабо. Би можело и обратното: прво да биде Могабо, па на тоа име да го додаде Сесесеку. Тогаш, и де јуре и де факто, ќе биде Метју Нимиц, меѓутоа, ако сака, и Метју Могабо Сесесеку. Немало да смета, продолжиле олеснувачите, ако направи комбинација од типот Метју Могабо Нимиц Сесесеку. Нормално, може и обратното! – предложиле.
Бидејќи Нимиц бил праведен господин (праведноста, најчесто, оди со силата) го одбил предлогот, предлагајќи им на предлагачите да го променат уставното име на нивната држава, бидејќи тоа ќе ги релаксирало односите со нивните соседи. Домаќините (македонските политичари) се нашле во неочекувана ситуација, сеедно што пред дванаесет години ѝ го промениле името на државата, како нужен услов за влез во Обединетите нации. Сепак, сега одлучиле да демонстрираат одлучност.

Потенцирале дека уставното име на државата е Република Македонија и дека поинаку не може да биде, бидејќи така било со векови. Објаснувале дека не можат постојано да го менуваат името на државата, сеедно што се постојано непостојани, и дека како нелегални легалисти мораат да го почитуваат Уставот во кој јасно е запишано дека државата е Република Македонија. На ова, господинот Нимиц, во дослух со Грците, рекол дека го почитува нивното почитување на Уставот и дека, токму затоа, им предлага да извршат измена во Уставот, додавајќи ја на сегашното име додавката „Скопје“. Така, Република Македонија и понатаму уставно ќе стане Република Македонија, меѓутоа само со една мала додавка „Скопје“. Македонските политичари, како по обичај, останале одушевени, со зинати усти и празни раце, прогласувајќи го несудениот Могабо Сесесеку за докажан пријател на нивната земја.

Сè би било фино кога сето ова навистина не би се случувало. Меѓутоа Македонија, како надреална земја во која владеат законите на алхемијата и магијата, го прифати дури и она што ниту еден нормален не би го прифатил. Додуша, официјално нејзината влада и понатаму нешто се „тегави“, се мисли и премислува, макар што веќе сè е решено. Оние што еднаш, без никаква причина, го променија нејзиното име, не добивајќи ништо, истото тоа ќе го направат и сега. Наедно, човек треба да се потсети и на некои други досегашни одлуки. Во 1995 година, без стварна причина, власта се откажа од државното знаме, официјализирајќи ја неговата промена и уставно.

Понатаму, уставно се откажа од грижата за своето малцинство во соседна Грција. И тоа не беше доволно. Љубчо Георгиевски, како премиер на Република Македонија, во 1999 год. замина за Бугарија, не поставувајќи го прашањето за Македонците во Бугарија, макар што беше доволно само да ги посети градовите Мелник, Банско или кое било друго место во Пиринска Македонија, па да види на што личат селата и животите на тамошните Македонци. Можеше да замине и до гробот на Јане Сандански и да се увери во каква состојба се наоѓа гробот на пиринскиот цар.

Понатаму, без сериозно промислена одлука, му се дозволи на НАТО да го користи кога ќе посака и како ќе посака државниот простор на Македонија. Како „благодарност“ за кооперативната политика, во 2001 год., Македонија доби војна.

Потоа, македонските политичари („државникот“ Бранко и „визионерот“ Љубчо, на пр.) со воените и државни непријатели седнаа да преговараат за повторни измени на Уставот, кои следуваа по потпишувањето на капитулацијата, маскирана зад документот рамковен договор. Потоа, следуваа двојазичност; легализација на карикатуралниот „универзитет“ во Тетово; етничка и територијална поделба на државата; „правична“ застапеност на членовите на УЧК во државната администрација, игнорирајќи ги вистински способните и компетентни Албанци. И тие, како и партиски неподобните Македонци, се наоѓаат на улица, оставени на милост и немилост на оние што со оружје атакуваа на сè што е човечно.

Последиците од легализацијата од тоа допрва ќе ги почувствуваат и самите Албанци. Вината еднакво ја сносат како власта така и албанските интелектуалци, кои занемено молчат пред очигледното воведување апартхејд, дозволувајќи нивните сонародници и понатаму да живеат гетоизирано, сиромашно и со квазиобразование, бидејќи битно им е нивниот мир да не биде гибнат. Парадираат и паразитираат врз маките на обичните Албанци, препуштени, исто како и нивните македонски соседи, самите на себе. Кога сè уште не е конституирана новата локална власт, избрана по несфатливата територијална поделба, од ДУИ доаѓаат барања за нова територијална поделба. За господата од ДУИ скопската општина Чаир била претесна (патем, таму е и „резиденцијата“ на Али Ахмети), па морала да се прошири на сметка на општините Бутел, Гази Баба и Центар. Значи, поделбата (што се вели) сè уште незапочната, продолжува. Притоа, никој не го поставува прашањето што мислат граѓаните за ваквото барање. Така е, бидејќи барањата што се поставуваат секогаш се еднострани.
За овие барања молчи „државникот“, молчи премиерот, молчи новоизбраниот градоначалник на Скопје, како да се работи за некое село во државата некојаси-таму.

Додуша, од промислени калкуланти поинакво однесување и не може да се очекува. Според досегашното искуство, следниот чекор би бил промена на државните симболи. Во таква ситуација, повеќе од јасно е дека ќе дојде до уставна промена и на името на државата. Објаснувањето ќе биде како досегашните: „Не можевме поинаку“. Ваквото објаснување претставува ноторна лага, бидејќи доволно е на Грците, како и на „меѓународната заедница“, да им се каже дека нашето име е Република Македонија. Ако им се допаѓа, нека повелат! Ако не им се допаѓа, нивен проблем. На забелешката дека тоа ќе нè оддалечи од ЕУ, може да се одговори со повикување на фактичката состојба – имено, што Македонија досега доби? Доби нешто, но само ако под нешто се мисли на ништо.

НАПОМЕНА. Претходните редови се дел од подолг текст, напишан и објавен во мај 2005 година. Другото останува надеж. Со надеж, почитувани, се живее. Меѓутоа, само од надеж не се живее.