Ерата на џезот, барокот и јајцето…

Иницијативата на СДСМ за привремено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала од Град Скопје на Владата, заради негова доизградба, беше на дневен ред на градскиот Совет и советниците.

Објектот Универзална сала е изграден две години по скопскиот земјотрес, во 1965 година, и е платен со средства од донација од 35 земји. Салата е платена со пари од 35 земји во светот, а само изработена и изведена од бугарска фирма. Официјално e пуштена во употреба на 10 јануари 1966 година, со изведба на драмската претстава „Виктор или деца на власта“ на „Атеље 212“ од Белград. А на 16 јануари 1966 г. беше одржан голем концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински. Одржани се над 5.700 манифестации, следени од над 8.500.000 посетители и секој си заминал посреќен отколку што влегол, порадосен.

„Златно славејче“, со кое пораснаа децата, редовно се одржуваше во Универзалната сала. Но и „Поточиња“, „Скопскиот фестивал“, „Еврофест“, „Цветници“, „Златна бубамара“, танцови натпревари, „Глумците пеат“, „Новинарите пеат“, „Докторите пеат“, 12. величествени“, „Леб и сол“, Бајага, „Парни ваљак“, „Рибља чорба“, Балашевиќ, „Бијело дугме“, Оливер Драгојевиќ, Мишо Ковач, Есма, „Танец“, „Лорд оф денс“, џез-фестивали, „Оффест“, „Скопско културно лето“, „Есенски музички свечености“, величествените Реј Чарлс, Цезарија Евора, Тито Пуенте, Јусу н Дур, „Буена виста сошл клаб“, Мариза, Лори Андерсон, Пети Смит… или „Арт ансамбл“ од Чикаго, години пред сиот тој џез во Скопје, за што потврда е една фотографија на која од визура на ложата број 5 јас и легендарниот Арт Блеки сме заедно на сцената во Универзалната сала…

Оставивме два готови проекта за нов објект на Универзалната сала во Скопје. Едниот за нова сала со 2.500 седишта и плус седум помали сали, архитектонски однадвор во форма на јајце и вториот за реконструкција и проширување со четири нови помали сали за во двете варијанти објектот да стане еден вид конгресен центар „Александар Македонски“, како што тогаш беше именуван, а по враќањето на СДСМ реименуван. Се обезбедија средства од централниот буџет, кои ќе одеа како трансфер до Град Скопје за почеток на изведбата. Со смената на власта проектот се запре до ден-денешен и еве веќе со години слушаме само ветувања и расправии, но градба нема…

Министерството за култура и Град Скопје во 2013 година најавија нова концертна сала што ќе се гради на местото на Универзалната сала со капацитет до 3.000 места. Идејното решение на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов го избра комисијата чиј претседател беше Вангел Божиновски, кој ова, навидум модернистичко архитектонско дело, го нарече барокно решение со модерен израз.

„Универзална сала да има јајцевидна форма. Така решивме сакајќи да создадеме една функционална структура, а не обичен архитектонски објект“, изјавуваат авторите. Сакавме на зданието да му дадеме ангажиран концепт, а не само гола естетика. Јајцето симболизира раѓање, а во Универзалната сала се родени многу таленти, многубројни македонски музички ѕвезди. Значи, нејзиниот белег е раѓање на музиката, на уметноста. Замислата е салата да потсетува на недефиниран ексклузивен музички инструмент и посетителите да имаат впечаток како да се во внатрешноста на инструментот.

Според реакциите на јавноста, јајцевидната форма на новата Универзална сала се чини им се допадна на скопјани, па дури и на оние што со свирежи и негодувања ја дочекаа оваа „барокна“ вест.

Барок (иtal. barocco, шпански португалски barroco/berrucco, англиски и француски baroque, германски бarock) е период, епоха во музиката, литературата и ликовната уметност што продолжува по ренесансата, се развива во рококо и трае до појавата на класицизмот. Во земјите на католицизмот тоа е движење на католичката обнова /противреформација/. Името потекнува од португалскиот збор бароко, што означува голем бисер со неправилен облик, творба што се создава во школките. А бисерите од школките понекогаш ја имаат таа несреќна судбина да не бидат препознаени и ценети. Или кaко што велат Старите Римјани – Margaritae ante porkius. „Има некоја тајна врска“ меѓу политиката, џезот и јајцето – потпевнуваа рокерите и потпикуваа експертите.
Така беше и есента во 2013 година. Во нешто подолгата најава за последниот концерт во Универзалната сала и одјавата на крајот на фестивалот со блага доза тага и почетна прогресивна носталгија беше обелоденето дека тоа е последната сезона на фестивалот во овој објект. На местото на Универзалната сала беше најавено дека ќе се гради ново здание, „чудовиште“ од објект. Бура од негодувања, свирежи, неодобрување од „одбраната“ публиката, редовни посетители на фестивалот, но и недоумица кај некои од присутните. Остана неодгатнато, дал „жал за младоста“ или некаква политичка порака или маркетиншки нежен допир, врз традиционалните консумери – групацијата самопрогласени „џезери елитисти“. Барем во овој дел од културното живеење досега немало несогласување, па дури ни околу парите на граѓаните што се трошат за фестивалот.

Наместо за теми од интерес на граѓаните, седниците на Советот на Град Скопје станаа и останаа место за политички расправии и меѓусебни обвинувања, а како што стојат работите, Универзалната сала во Скопје уште долго ќе биде предмет на градска, општинска, партиска дебата… згора на тоа и проблемот со новоформираниот Оркестар за џез-музика во зградата на Филхармонијата и одлуката за привремено сместување на новоформираниот Оркестар за џез-музика во зградата на Филхармонијата. Филхармонијата најави протести ако Оркестарот за џез-музика не се исели од нејзината зграда и ја обвини министерката за култура за настанатиот хаос…
Наместо проблеми, хаос…

П.С. Среќен роденден на еден од џез-великаните, Херби Хенкок, кој „гостуваше“ и во Скопје. Волшебник и поет на клучевите, кој секогаш настојува да го поврзе звукот со срцата… музика ослободена од клишеата, музичката апстракција, која отвора и подразбира неверојатни перспективи во хроматскиот универзум, во вистинска смисла на зборот уметност на џезот.

Со одобрение од менаџментот неговиот настап на отворањето на Скопскиот џез-фестивал беше директно пренесуван на МТВ, при што македонскиот етер беше облагороден од многу потребна и позитивна креативна сила. Тоа беше вечер за паметење во која темелно и филозофски си ги испитувавме животите и врските со местото и постоењето на планетава како концепт.