Ракометниот портал „24 Ракомет“ по осми пат го реализираше изборот на идеалниот тим на сезоната во Супер машката лига 2025/26, во кој доминираат ракометарите на Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид, клубови кои оставија најсилен печат во текот на шампионатот.
На позицијата лево крило признанието му припадна на искусниот Дејан Манасков од Еурофарм Пелистер, кој и оваа сезона беше еден од најконстантните во нападот. На позицијата лев бек се најде неговиот клупски соиграч Филип Кузмановски, капитен на битолскиот состав и еден од најдоминантните бекови во машката Супер лига.


Организатор на играта во идеалниот тим е Јака Малус од редовите Вардар, кој со својата креативност и сигурност заслужено го доби признанието за најдобар среден бек, додека на десната бековска позиција избран е Урош Митровиќ, уште еден важен адут на „црвено-црните“.


На десното крило блесна Дарко Ѓукиќ од Охрид, кој со одличните настапи беше меѓу најзаслужните за успесите на својот тим, а на пивотменската позиција со својата пожртвувана игра во нападот и борбеност во одбраната доминираше Милан Лазаревски од Вардар.


Меѓу стативите местото му припадна на Кристијан Пилиповиќ од Охрид, кој со своите интервенции беше еден од најсигурните голмани во шампионатот, додека пак за најдобар дефанзивец е избран Ориол Реј Моралес, исто така член на охридскиот состав.


Признанието за најдобар млад ракометар заврши во рацете на Димитар Узунчев од Бутел Скопје, кој со своите настапи покажа дека македонскиот ракомет добива ново перспективно име.

За тренер на сезоната е прогласен Иван Чупиќ, стратегот на Вардар, кој успеа да го предводи својот тим до успешна сезона и повторно да го наметне скопскиот клуб во самиот врв.

Со овој избор, реализиран од ракометниот портал „24 Ракомет“, уште еднаш беше потврден квалитетот што го понуди Супер машката лига во сезоната 2025/26, како и доминацијата на најдобрите екипи, но и појавата на нови млади имиња кои се иднината на македонскиот ракомет.


































