Фото: 24 Ракомет

Ракометниот портал 24 Ракомет започна нов, посебен и историски проект за македонскиот ракомет – „Куќа на славните“, иницијатива која има за цел да ја зачува историјата, да им оддаде признание на најголемите имиња и да остави траен белег за сите оние кои со својата работа, игра, визија, посветеност и резултати го граделе македонскиот ракомет.

Овој значаен проект претставува симболично и заслужено признание за легендите, визионерите, поддржувачите и спортските работници кои оставиле неизбришлива трага во развојот и афирмацијата на македонскиот ракомет, како на домашната, така и на меѓународната сцена.

Првата генерација, наречена „Класа 2026“, ја сочинуваат личности кои на различен начин, но со исто значење, испишале важни страници во македонската ракометна историја.

Во оваа историска прва класа свое место добија: Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Владимир Радиќ, Ванчо Јовановски, Лефтер Бошковски (постхумно), Славе Атанасовски – Чаве (постхумно), Трифун Костовски, Силјан Мицевски (постхумно) и Михајло Михајловски.

Со проектот „Куќа на славните“, 24 Ракомет поставува нова традиција во македонскиот спорт, со јасна цел – да се зачува наследството на најголемите имиња и нивниот придонес никогаш да не биде заборавен. Оваа иницијатива претставува мост меѓу минатото, сегашноста и иднината на македонскиот ракомет, но и трајно сведоштво за луѓето кои го вградија својот живот во неговиот развој.