САД ја менуваат политиката кон регионот
Американскиот Стејт департмент со извештај до американскиот Конгрес за Западен Балкан
Стејт департментот испрати извештај до американскиот Конгрес за односите што ги има со Западен Балкан, вклучително и за Македонија. Извештајот има седум страници.
Во некласифициран извештај до Конгресот на САД на седум страници се рапортира за политиката на Вашингтон за зафатите за „промовирање на регионалната стабилност и просперитет во Западен Балкан врз основа на членот 7019(е) од Законот за буџетски средства за Националната безбедност, Стејт департментот и сродните програми за 2026 година (Div. F, P.L. 119-75) и заедничката образложувачка изјава за промовирањето на стабилноста и унапредувањето на економските интереси на САД во Западен Балкан“. На крајот се констатира дека тоа „ги прави Соединетите Американски Држави побезбедни, посилни и попросперитетни и дека администрацијата спроведува политика насочена кон иднината во регионот, фокусирана на проширување на партнерствата, спротивставување на заканите што влијаат врз САД и регионалната стабилност, како и зголемување на економската и трговската соработка“. Во продолжение следува куса анализа на извештајот со најбитните точки од истиот тој за земјите од Западен Балкан, вклучително и за Македонија.
Анализа
САД ја менуваат политиката кон регионот Вашингтон со нова стратегија за Западен Балкан: Партнерство наместо протекционизам
Администрацијата на Соединетите Американски Држави испрати и објави нов извештај до Конгресот за американската политика кон Западен Балкан, документ што открива значајна промена во пристапот на Вашингтон кон регионот. Наместо моделот на „изградба на држави“ и постојан меѓународен надзор, новата стратегија се темели на стабилност, економски интереси и, како што пишува во извештајот – „партнерства од заемна корист“.
Во документот, кој ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, Стејт департментот нагласува дека американската политика повеќе нема да биде насочена кон „спасување и реконструкција“, туку кон поддршка на локалните актери да ги решаваат сопствените проблеми.
Според Вашингтон, стабилен Западен Балкан е директно поврзан со американската безбедност, економија и геополитички интереси.
БиХ и Косово остануваат чувствителни точки
Првиот столб на новата американска политика е – „одржување на стабилноста во регионот“!
Во извештајот се нагласува дека нерешените политички спорови и етничките поделби продолжуваат да претставуваат ризик за безбедноста. Особено внимание ѝ е посветено на Босна и Херцеговина, каде што САД повторно ја потврдуваат поддршката за Дејтонскиот мировен договор, суверенитетот и на територијалниот интегритет на државата. Американската дипломатија тврди дека во 2025 година одиграла клучна улога во спречувањето на најсериозната политичка криза во БиХ од крајот на војната во 1995 година. Вашингтон истовремено продолжува да ги охрабрува Србија и Косово да постигнат траен договор за нормализација на односите, со цел да се намали ризикот од нови тензии.

Македонија се посочува како успешен пример што го зајакнал НАТО
САД во документот ја нагласуваат важноста на НАТО-интеграцијата на Албанија, Црна Гора и на Македонија, оценувајќи дека „нивното членство ја зајакнало Алијансата“!
Администрацијата на САД најавува дека ќе продолжи да ги поттикнува балканските држави да ги модернизираат своите армии и да ги исполнат новите НАТО-стандарди, вклучително и обврската за издвојување 5 проценти од БДП за одбраната, договорена на самитот во Хаг.
За Македонија се најавува и „нов стратешки дијалог со САД во текот на 2026 година“, што претставува сигнал за продлабочување на билатералната соработка!
Во Косово, американските сили ќе продолжат да учествуваат во мисијата КФОР, додека Вашингтон ќе ја поддржува трансформацијата на Косовските безбедносни сили во професионална одбранбена структура. Н.М.
2. Економија
Извештај што инсистира американските компании да добиваат приоритет
Вториот столб на стратегијата се економската и комерцијалната соработка. Според извештајот, Западен Балкан се гледа како пазар со значителен потенцијал поради географската позиција, транспортните коридори, природните ресурси и растечкиот технолошки сектор.
САД најавуваат поагресивен економски настап преку поддршка за американски инвестиции, намалување на регулаторните бариери, реформи во јавните набавки, зајакнување на владеењето на правото, подобрување на деловната клима.
Американската администрација јасно наведува дека ќе работи на создавање услови што ќе им овозможат на американските компании да имаат предност во големите инфраструктурни проекти во регионот.
Македонија и Србија во фокусот на трговските договори
Особено е значајно што Канцеларијата на трговскиот претставник на САД веќе преговара за договори за реципрочна трговија со Македонија и Србија.
Во документот се истакнува дека рамковниот договор потпишан со Македонија во февруари ќе им овозможи на американските извозници „невиден пристап“ до македонскиот пазар. Ова претставува еден од најдиректните сигнали дека Вашингтон сака да го зголеми своето економско присуство во земјата. Н.М.
3. Енергетика
Зголемување на влијанието на САД и преку нуклеарна технологија и мали модуларни реактори
Енергетиката зазема централно место во новата стратегија. Вашингтон отворено оценува дека зависноста на регионот од руски енергенти претставува „стратешка ранливост“.
САД планираат да понудат американски течен природен гас, нуклеарна технологија, мали модуларни реактори, обновливи извори на енергија.
Меѓу приоритетните проекти се гасниот интерконектор меѓу Србија и Македонија, Јужната интерконекција меѓу Хрватска и БиХ, хидроенергетски проекти во повеќе држави и модернизација на енергетските мрежи. Целта на Вашингтон е „постепено елиминирање на руското енергетско влијание во регионот и отворање простор за американски компании“.
Во извештајот, Русија и Кина се посочени како главни надворешни фактори на закана за САД на Западен Балкан. Според американската анализа, Москва користи „етнички поделби, политички влијанија и енергетска зависност за да ја поткопа довербата во западните институции“, а Пекинг користи „кредити, инфраструктурни проекти, пропаганда и политички врски за да го прошири своето влијание“. Во извештајот пишува и дека „кинеските компании често победуваат на тендери со ниски понуди, но подоцна проектите значително поскапуваат“.
Одговорот на САД, според документот, ќе биде комбинација од економска конкуренција, инвестиции и поддршка за транспарентни институции. Н.М.
4. Безбедност
Организираниот криминал и балканските криминални мрежи како безбедносна закана Во извештајот се наведува дека криминалните организации од Западен Балкан
претставуваат директна закана за американската национална безбедност.
Американските служби тврдат дека балканските криминални мрежи имаат врски со наркокартели од Латинска Америка и се вклучени во трговија со дрога, перење пари, сајбер-криминал и илегална миграција. САД најавуваат засилена соработка со регионалните полиции и обвинителства, како и нови операции за разбивање на транснационалните криминални структури. Н.М.
5. Завршен дел на документот
Вашингтон бара конкретни резултати
Во завршниот дел од документот се наведува дека американските средства повеќе нема да се трошат на „отворени и бескрајни процеси на градење институции“.
Новата политика предвидува финансирање проекти со мерливи резултати, директна поддршка за американски економски интереси, фокус на безбедност, граници и борба против криминалот, ограничување на долгорочните политички мисии без конкретен ефект.
САД најавуваат дека ќе продолжат со програмите за деминирање, контрола на оружјето и воена едукација, но со многу поголем акцент на „споделување на товарот“ со европските сојузници.
Во врска со овој најнов извештај на Стејт департментот, нашите соговорници истакнуваат дека новата американска стратегија покажува дека Западен Балкан повторно станува важна геополитичка зона. Но за разлика од периодот по војните во 1990-тите, денешниот фокус е помалку идеолошки, а многу повеќе економски и безбедносен.
– Вашингтон испраќа јасна порака дека САД сакаат стабилен Балкан што ќе биде дел од западниот безбедносен и економски систем, но очекуваат локалните политички елити сами да ја понесат одговорноста за иднината на регионот! – поентираат нашите соговорници на крајот на освртот кон извештајот на Стејт департментот. Н.М.

































