Фото: Пиксабеј

ТРИЛЕР

– Но добро. Сега е редот на мене, претпоставувам. Ако ништо друго, барем ќе можам да се тешам со тоа што на некој начин го збогатив досието наречено дон Пасквале Бруто.
Во гласот на дон Вилароса присутните како да почувствуваа доза несигурност.
– Само напред – го осмели домаќинот. – Слушајќи ја сторијата на дон Кавалканти за рицинусот и творот, некако и јас се почувствував инфериорно. Но тоа беше првичен впечаток. Се надевам и очекувам уште многу пријатни изненадувања.
– Ти благодарам, Ѓузепе. Искрено, очекував поддршка. Е па, да почнам со мојата приказна за дон Бруто, луѓе. Се случи пред Божиќ. Од езерската шир дуваше северен ветер и немирно играше со снегулките, кои се лепеа на прозорецот од мојот кабинет. Каде и да го свртиш погледот, во очите ќе ти се пресликаат волшебни светилки со прекрасна колоратура. Мојот поглед гладно ја впиваше таа романтична претпразнична слика, која ми ја полнеше душата со убавини. Долу под моите нозе лазеа автомобили, а по тротоарите случајните минувачи ми личеа на црни подвижни точки.
Погледот на Вилароса заскита некаде далеку и тој целосно ѝ се препушти на имагинацијата за случката што сакаше да ја раскаже. Тој ги изненади сите со својата елоквентност и со способноста да им го украде сето внимание со еден впечатлив почеток.

– Дон Пасквале Бруто се женеше којзнае по кој пат – продолжи Вилароса. – Чинам… тоа му се случи по петти пат. Овој пат ја ја кандиса Зита Шандор. Прекрасна цицлеста девојка со весел нарав и вечна насмевка на црешовите усни. Патем, тоа беше неговиот трет брак во една иста година. Верувам дека помните?
– Како да не! – потврдија босовите во еден глас.
– ОК, пријатели. Тогаш сигурно знаете и за тоа дека женачките за него беа вистинска болест. Но сите ние го знаеме нашиот сицилијански темперамент и секоја добиена атрактивна аквизиција, односно жена, не смееше да не мине низ нашите дланки.
– Така е! – згрмеа задоволно босовите.
– Некаде кон крајот на годината, тој ги расипа односите со сите вас. Поточно, вие го започнавте вашиот бојкот кон валканиот Бруто. На свеченоста ме покани само мене. Јас долго се мислев дали да го почестам со своето присуство или да ви се приклучам, но се одлучив за првото. Особено што тој ми направи чест испраќајќи ја поканата преку својот син.
Дон Вилароса подзапре за да голтне од прекрасниот сок од портокали што им беше сервиран.

– „Валдорф асторија“ беше хотелот во кој требаше да се случи грандиозен прием. Знаете веќе, тој уживаше да го изведе сето тоа на помпезен начин. Но за разлика од почитуваниот дон Кавалканти, јас на „Ла Гвардија“ допатував придружуван од глутница професионалци. Едноставно, немав намера нашата средба да ѝ ја препуштам на случајноста. По претставата требаше да се повлечеме во спокојот на хотелот „Рузвелт“ на авенијата Медисон. Резервацијата за двата апартмани ја обезбедивме под полна дискреција. Или барем така си мислев.
Чадот што обемно бувна низ ноздрите на Кавалканти го натера да се закашла и да почне да прета со рацете за да го разбрка подалеку од носот.
– Accidenti (проклетство)! Ме потру, Марио. Ти си како парна локомотива! Принуден сум да го заменам местото со дон Фето!
Дон Кабуза го запре со допир на раката:
– Сакам едно да знаеш, дон Вилароса. Попусто е да се криеш оти чадот од цигарата веднаш го наоѓа непушачот!
– Но добро – се согласи Вилароса и се насмеа. – Ја прифаќам твојата сугестија.
– Cari amici (драги пријатели), сметам дека премногу ја сечеме приказнава на дон Вилароса. Оттука, предлагам да му дозволиме слободно да си се изрази.
Босовите потврдно нишнаа со глава.

– Е па, вака – Вилароса се среди и реши да продолжи понатаму. – Одамна имав фрлено око на една прекрасна златна галија. Всушност, се работеше за арката на дедо Ное. Во очите на сите животни што ги повел со себе за да ги зачува од потопот, молскаа скапоцености. Жими Господ, таа ме чинеше ни помалку ни повеќе туку тогашни 50.000 долари оти беше уникатна. Голем износ за времето за кое зборувам. Антикварот од кого ја набавив имаше оригинална потврда за нејзината вредност и тврдеше дека ја направил еден прочуен холандски мајстор. Настрана сите вредности, дон Бруто најмногу се радуваше на старото вино во нејзината утроба. Внатре се нишаа десетина литри бордо од 1557 година, вистинска реткост. Беше запечатено на чудесен начин. Така барем тврдеше тимот стручни лица што го отпечатија виното. Бидејќи дон Бруто постојано ме местеше и ми подметнуваше, ова беше единствена можност за достоен реванш.
Дојде редот и на нас како прочуено семејство да му го врачиме свадбениот дар. Неговото обезбедување не симнуваше очи од нас. Се прегрнавме и јас му посакав долг и среќен брак.
– И доста е веќе со свадби – го прекорив. – Токму затоа ти го предавам овој единствен подарок, дон Бруто!
Око не симнав од невестата и се прашував што најде таа рајска убавина во ова наше страшило. Во секој случај, ја задржав малку подолго во мојата прегратка.
Одекна смеа. Сепак, никој не дофрли.
Вилароса воздивна небаре претура по своите мисли, а потоа продолжи:
– Почитувани, јас всушност се срамам дури и сега по толку години бидејќи го дарував со лажна галија што извонредно ја изработи еден овдешен мајстор. Поради искреноста со која ме гушна во знак на благодарност и со која ме прогласи за побратим, со цврсто ветување дека нема да се меша во моите бизниси ниту ќе ги загрозува моите интереси, стопати се проколнав за измамата. Искрено, не уживав многу гледајќи го како го краде шоуто на средбата. Тој се прчеше небаре е паун. Студената како камен Жужа, всилено се смее и постојано игра со своето змијулесто тело. Вешто го провоцира. Адреналинскиот набој комбиниран со алкохол, го прави исклучително дрзок, напален и смел. Неговата дебела шепа паѓа врз обликуваното колено на Жужа. Искусна, налутено се брани и му ја става раката на столот. Сите го гледаат тоа, но никој не смее да реагира, а јас ниту на крај од умот. Немав намера да му ја расипувам веселбата и да предизвикам крвнина. Одеднаш, скокна како да е исфрлен од катапулт. Ние од неговото окружување, занемевме. Не, тоа не беше наша игра иако со грч на лицето се ѕвереше во мене. Јас невино ги собрав рамениците и ги раширив дланките. Тоа му беше доволно да се убеди дека навистина не носам никаква вина. Некој кому му останал должен со некоја невкусна шега возвратил со подместување шпенадла. Стариот волк веднаш ја игнорираше болката и побара од музиката да му свири стара наполитанска ерија. Едновремено ја зграпчи галијата со своите шепи.
– Сицилијанци, да се напиеме за среќа, љубов и долг живот! – грми.

Со клучот триумфално го ослободува позлатениот чеп. Во тишината, која за миг завладеа, се слушна пукот. Големиот Пасквале Бруто им точи на кумовите, на сопругата и најблиските од семејството. Секако, јас и моите, привилегирани. Зафатен од алкохолот, не е ни свесен дека шампањското не пени како вообичаено. По ноздрите нѐ удри реа од урина, но никој не смее да не наздрави. Се гледаат лица со чудни изрази, а потоа едно по едно трчаат кон тоалетите. За да му го направи ќефот, кумот труп опиен, бара да му наточи уште една доза. Лудница!
– Многу не се разбирам во вината, дон Пасквале, ама ова многу ми се допаѓа – пие кумот и се насладува.
– Ѓавол да те земе, Вилароса ама да видиш, ова ми се чини како твоја нова местенка?
Не вредеше да се спротивставам. Капевме заедно од смеа. Веројатно беше убеден дека оној што ја смисли ујдурмата со шпенадлата е меѓу консументите.
– Бидејќи не сум со мирна природа, некој убаво ми подмести – ми вели.
– Што стана понатаму – прашуваат нестрпливо босовите и потстануваат во своите места. – Дали имаше реванш?
Стариот градинар голта од нивните зборови. Се смее на итрините со кои се служеле возрасни гангстерски босови.

– Се случи страшна одмазда (Brutta vendetta)! Од него нема спас! Се вративме во нашиот хотел и цела ноќ не ставивме око на око. Неговите луѓе, кои во меѓувреме нѐ следеле до местото на нашиот престој, уфрлиле во апартманите неколку тегли со фараонски термити. Од нив се разранивме чешајќи се до крв. Персоналот попусто се бореше со опасните суштества, кои се раштркаа низ хотелот. Беше неопходно да платам надомест за сѐ што се случи во луксузниот хотел.
Ова беше вистински шлагфорт. Старите босови само што не се поцедија по ногавици…

Роберт Торн