РТС во мисија на ИСТОРИСКИ РЕВИЗИОНИЗАМ за сесловенските просветители?!
Во време кога Балканот сè уште се бори со духовите на историографските манипулации, српскиот јавен сервис РТС повторно отвори еден стар фронт, којзнае со кој мотив…, а тоа е „фронтот на присвојување и ретуширање на словенското културно наследство“.
Во текстот посветен на Денот на словенската писменост и култура, РТС без двоумење ги нарекува Светите браќа Кирил и Методиј „Грци од Солун“, додавајќи дека тие се творци на словенската глаголица и основоположници на словенската книжевност.
На прв поглед, незабележлива, попатна и безопасна формулација!?
Но суштински, станува збор за опасна и тенденциозна конструкција што директно удира врз историската вистина и словенското културно паметење.
Кои биле Кирил и Методиј?
Кирил и Методиј се родени во околината на Солун – простор што во IX век бил масовно населен со словенско население. Историските извори јасно потврдуваат дека тие го познавале словенскиот јазик од детството, што било невозможно без жив контакт со словенската средина во која растеле.
Да се наречат едноставно „Грци“ е грубо поедноставување и тешка политичка импутација искажана на јавен сервис.
Во IX век модерните национални категории не постоеле во денешна смисла. Но она што постоело е културна и јазична припадност. А делото на Кирил и Методиј е целосно врзано за словенскиот свет, словенскиот јазик и за словенската духовност.
Тие не создавале писмо за Грците. Не проповедале на грчки. Не создавале книжевност за Византија, туку за Словените.
Ако биле „грчки просветители“ – зошто создавале словенско писмо?
Токму тука паѓа целата конструкција на РТС.
Ако Кирил и Методиј биле исклучиво грчки мисионери, тогаш зошто го создале првото словенско писмо – глаголицата? Зошто богослужбата ја превеле на словенски јазик? Зошто ризикувале судири со латинското свештенство бранејќи го правото Словените да имаат сопствен јазик во црквата?
Одговорот е едноставен: затоа што тие биле длабоко поврзани со словенскиот свет и неговата културна еманципација.
Глаголицата не е продолжение на грчкото писмо, туку оригинален систем создаден за фонетиката и духовните потреби на словенскиот јазик. Подоцна, врз темелите на нивното дело, во Охридската книжевна школа се развива кирилицата преку учениците Климент и Наум.
Опасноста од „невини“ формулации
Кога јавен сервис како РТС користи формулации со кои Кирил и Методиј се сведуваат на „Грци“, тоа не е случајна грешка. Тоа е дел од поширок балкански синдром – борба за историско наследство преку медиумска пропаганда.
Со децении, различни национални историографии се обидуваат да ги присвојат сесловенските просветители, бришејќи ги македонскиот и словенскиот контекст на нивното дело. Наместо научна прецизност, се нудат политички пригодни конструкции.
Особено е проблематично кога токму српски медиум се впушта во вакви ревизии, имајќи предвид дека српската духовност, писменост и црковна традиција директно се потпираат врз делото што потекнува од македонско-словенската културна почва.
Солунските браќа се сесловенско наследство
Кирил и Методиј не им припаѓаат само на еден народ. Тие се сесловенски просветители. Но никој нема право да го обезличува нивното дело.
Да, тие живееле во рамките на Византија. Да, биле образувани во византиската традиција. Но нивната мисија, нивниот јазик и нивната цивилизациска улога биле словенски.
Токму затоа милиони Словени денес ги слават како апостоли на словенската писменост.
Македонската историска и културна традиција има полно право да ги чувствува Кирил и Методиј како дел од сопствениот духовен континуитет – особено поради солунско-македонскиот простор од кој потекнуваат и преку Охридската школа каде што нивното дело добива трајна форма.
Историјата не смее да биде алатка за национални агенди
Најголемата опасност не е во една реченица на РТС. Опасноста е во навиката јавните сервиси да стануваат фабрики за „коригирана“ историја.
Кога медиумите почнуваат да ја приспособуваат историјата кон дневни потреби, овој пат веројатно од друг нивни пријателски центар на моќ и пропаганда од регионов, тогаш вистината станува колатерална штета.
А вистината за Кирил и Методиј е јасна: тие се темелот на словенската писменост, просветители на словенските народи и духовни великани чие дело изникнало од словенско-македонската културна средина околу Солун.
Сè друго е политикантство. Непринципиелни комбинаторики, провокации и клиентелизам. Тоа сигурно не е историја и не е вистина. Н.М.
Редакциски осврт
РТС не нè потсетува на историографијата, туку прави обид да ја фалсификува
- Проблемот на РТС не е незнаење. Проблемот е старата балканска болест – присвојување на туѓото наследство и бришење на македонско-словенскиот контекст од историјата. Особено е лицемерно токму српски медиум да ја турка оваа конструкција, кога српската црковна и книжевна традиција директно се потпира врз делото на учениците на Кирил и Методиј од Охридската школа. Без македонскиот Охрид, без Климент и Наум и без словенската мисија на солунските браќа – немаше да постои ни српска средновековна писменост во формата што ја познаваме денес
Кога јавен сервис ќе почне да прекројува цивилизациски факти, тогаш тоа веќе не е новинарство – туку пропаганда. Токму тоа го направи РТС со скандалозната формулација дека Кирил и Методиј биле „Грци од Солун“, претставувајќи ги речиси како туѓи мисионери што случајно им подариле писмо на Словените. Со овој срамен потег, српскиот јавен сервис свесно или несвесно застана во одбрана на оние ретроградни шовинистички тези, кои со децении се обидуваат да го денационализираат и девалвираат делото на светите браќа. Наместо да биде светилник на објективноста, Белград реши да глуми задоцнет ехо-простор на византискиот империјализам.
Не, господа од РТС. Историјата не се пере со политички детергент. Таа не е шведска маса од која можете да си избирате парчиња минато што му одговараат на вашиот моментален политички наратив.
Кирил и Методиј не создадоа грчко писмо. Не проповедаа на грчки јазик. Не ја создадоа глаголицата за Атина, туку за словенскиот народ. Тоа е суштината што денешните балкански ревизионисти очајно се обидуваат да ја замаглат. Да се тврди спротивното е класичен обид за интелектуална саботажа врз темелите на словенската културна генеза. Со ваквите конструкции, РТС директно удира врз историскиот континуитет на писменоста што никна токму од македонското поднебје.
Да ги сведеш солунските браќа на „Грци“ е исто како да тврдиш дека словенската писменост е производ на туѓа милост, а не израз на словенска духовна самобитност. Тоа е навреда и за историјата, и за науката, и за здравиот разум. Тоа е минимизирање на еден колосален епохален труд и сведување визионерско дело на обична дипломатска екскурзија. Словените не добија милостина, туку оружје за свој духовен суверенитет.
Во IX век немало модерни нации, но имало јазик, култура и народносна припадност. А Кирил и Методиј очигледно живееле со словенскиот јазик уште од детството, во словенизираната околина на Солун. Инаку, немаше да можат да создадат писмо што совршено ги следи словенските гласови. Ниту еден византиски администратор, колку и да бил учен, не би можел со таква математичка прецизност да ги кодифицира гласовните специфики на старословенскиот јазик ако тој јазик не му бил близок до срцето и умот. Да го негираш ова значи да ја негираш самата филолошка логика.
Но проблемот на РТС не е незнаење. Проблемот е старата балканска болест – присвојување на туѓото наследство и бришење на македонско-словенскиот контекст од историјата. Тоа е оној препознатлив комплекс на супериорност што не трпи автохтони вредности кај соседите, па затоа претпочита да им ги припише на големите историски империи. Ова е перфиден обид за демакедонизација на солунската мисија.
Особено е лицемерно токму српски медиум да ја турка оваа конструкција, кога српската црковна и книжевна традиција директно се потпира врз делото на учениците на Кирил и Методиј од Охридската школа. Како е можно медиумскиот столб на Србија да заборава од каде стигна писменоста во нивните манастири? Дали со оваа ревизија РТС свесно си ги сече сопствените духовни корени, само за да не ја признае историската реалност на Македонија?
Без македонскиот Охрид, без Климент и Наум – без словенската мисија на солунските браќа – немаше да постои ни српска средновековна писменост во формата што ја познаваме денес. Токму преку Охридската книжевна школа, делото на Кирил и Методиј се спаси од пропаст и се рашири низ целиот словенски свет, вклучително и во Србија. Затоа, ваквиот медиумски инженеринг од Белград не е само провокација за Македонија туку е чин на незапаметена културна неблагодарност.
Но наместо почит кон вистината, гледаме евтина ревизија спакувана како „црковна честитка“. Гледаме како професионалните стандарди паѓаат на испитот пред дневнополитичките калкулации и додворувања.
Кирил и Методиј се сесловенски просветители. И токму затоа никој нема право да ги претвора во алатка за национални фалсификати. Историјата може да се манипулира на телевизија. Но не може да се избрише. Н.М.

































