Кими Антонели оствари победа на драматичната трка за големата награда на Канада и го зголеми своето водство во годинашниот шампионат во Формула 1 (Ф1) на 43 бода разлика. За Италијанецот тоа е четврта победа по ред сезонава. На трката во Канада, Луис Хамилтон го освои второто место, а Макс Ферстапен е трет.
– Уште една победа и многу сум среќен, и огромна благодарност, секако, до тимот – рече Антонели, пренесе Формула 1.
По пет извозени трки сезонава, во генералниот пласман на возачите, Антонели сега води со вкупно 131 бод (четири победи и едно второ место на гранпри-трките), а потоа на табелата следуваат Џорџ Расел со 88, Шарл Леклер со 75, Хамилтон со 72, Ландо Норис со 58 бода итн. Следна трка во шампионатот годинава е таа за големата награда на Монако, на 7 јуни, низ улиците во Монте Карло, со што ќе почне европскиот дел од сезоната, пишува Формула 1. Н.М.

































