ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „ЛУКС ОПЕН 2026“
- Со своите настапи и двајцата остварија одличен почеток во настојувањето да соберат олимписки поени за норма за настап на ЛОИ 2028
Македонскиот таеквондо-репрезентативец и член на ТК Бутел, Филип Блажевски (тежинска категорија до 80 кг), освои златен медал, а олимпијката и членка на ТК Тигри, Милијана Рељиќ (до 67 кг), сребрен медал на престижниот Г1-турнир „Лукс опен 2026“, во Луксембург. Блажевски, кој е сериозна олимписка надеж, лани беше носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година. Тој стигна до златото откако забележа четири победи, во првото коло на дуелот со Емил Нигард од Норвешка (2-0 во рунди), во второто над Кристијан Лангридге од Велика Британија (2-0), во третото над Кан Гумус од Германија (2-0) и во финалето на средбата со Константинос Зурос Кардатос од Грција (2-1).
Рељиќ, пак, оствари три победи (Изабеле Гифер од Германија, Изабеле Фабер од Луксембург, Сумаја Ебнуталиб од Германија, сите со по 2-0), а во финалниот дуел таа загуби од Мачедо Санди од Бразил (0-2).
Со своите настапи и двајцата остварија одличен почеток во настојувањето да соберат олимписки поени за норма за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, односно Блажевски освои 10, а Рељиќ шест поени на овој турнир. Од Македонската таеквондо-федерација (МТФ) информираат дека и Анамарија Георгиевска имала одличен настап со победа и пораз во борбата за медал. Г.И.

































