Фото: „Нова Македонија“

Наспроти балканскиот ревизионизам, светската наука и моќните глобални центри се децидни:

  • Врз основа на реални историски извори и сведоштва, врвни светски научници ги означуваат Свети Кирил и Методиј не како Грци, туку како Македонци што користеле словенски и мајчин македонски јазик во преведувањата на црковните текстови и во својата Моравска мисија! Истражувањата и студиите на овие светски угледни научни експерти докажуваат дека споменатата теза на РТС е најобичен примитивен фалсификат

Словенските просветители Кирил и Методиј, кои се Грци од Солун, се основачи и симбол на словенската писменост и словенското просветителство, но и творци на првото словенско писмо – глаголицата, објави завчера српскиот јавен сервис РТС, впуштајќи се во опасна и тенденциозна конструкција, која директно удира врз историската вистина и македонското и сесловенско културно паметење. Нема никаква врска со реалноста да се прогласуваат за Грци, Македонците од Солун Кирил и Методиј. Врз основа на реални историски извори и сведоштва, врвни светски научници ги означуваат Свети Кирил и Методиј не како Грци, туку како Македонци што користеле словенски и мајчин македонски јазик во преведувањата на црковните текстови и во својата Моравска мисија! Истражувањата и студиите на овие светски угледни научни експерти докажуваат дека споменатата теза на РТС е најобичен примитивен фалсификат.

„Животот на Методиј“ првичен историски извор за дејноста на Свети Кирил и Методиј

Кирил и Методиј се браќа – Македонци, родени во Солун, во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Како мисионери на христијанството и сесловенската писменост меѓу Словените од Голема Моравија и Панонија, Кирил и Методиј се македонски и сесловенски просветители и учители, а не само сесловенски! Поврзано со нив постојат и се одржуваат и огромен број други лажнонаучни фалсификати, кои ги создавале и ги создаваат и натаму голем број научници од светот, не само медиумите. Таквите научници со своите фалсификати намерно го отфрлаат и го игнорираат фактот дека светите македонски браќа Кирил и Методиј го употребиле својот народен дијалект на мајчиниот македонски јазик од селата Суха, Зарова и Висока, во непосредната околина на Солун и го вградиле како темел на писменоста, богослужбите, на културата и јазикот на сите словенски народи во натамошните векови сѐ до денес.
Исто така, сосема намерно многу се почести именувањата на Кирил и Методиј како „сесловенски просветители“, „солунски браќа“, „грчки византиски мисионери“, „бугарски просветители“, а најмалку е, или е многу поретко, означувањето како македонски просветителски дејци, исклучиво од македонско етничко потекло. Но и одредени научници од Република Македонија случајно, или не, не ги именуваат Константин – Кирил Филозоф (826 – 869) и Методиј Солунски (815 – 885) токму како она што биле – како Македонци!
Текстот од 9 век „Животот на Методиј“ („Vita Methodii“), кој му се припишува на нивниот непосреден ученик Климент Охридски, е првичен историски извор, од кој произлегуваат временски најблиските директни историски докази за јазикот што го зборувале и за тоа кои биле Кирил и Методиј. Во овој текст се наведува наредбата, дадена од византискиот император Михаил Трети кога ги испраќал двајцата браќа на мисија во Велика Моравија: „Одете, вие двајца сте солуњани, а сите солуњани зборуваат чисто словенски“. Ниеден збор дека биле Грци, дека говореле грчки јазик или што било друго.

Несоборливи научни факти ги поништуваат сите фалсификати

Наведуваме согледувања и историски аргументи на престижни светски научници, кои категорично ја нагласуваат идентитетската одредница „македонски“ за дијалектот, односно јазикот, што го говореле Кирил и Методиј, како и за нивната етничка припадност. Тие согледувања и аргументи за Македонците Кирил и Методиј и за нивниот македонски словенски јазик се во апсолутна смисла несоборливи факти и директна негација на сите фалсификати дека наводно тие биле Бугари или Грци. Еден од најголемите светски угледни лингвисти Роман Јакобсон не ги означува Кирил и Методиј ниту како Грци ниту како Византијци, туку сосема јасно го нагласува нивниот „мајчин македонски дијалект“, односно дека се Македонци: „…словенските апостоли Константин – Кирил и Методиј можеа да го користат својот мајчин македонски дијалект за мисионерска работа во Моравија“. (Roman Jakobson. Selected Writings.VI, Early Slavic Paths and Crossroads, 1. Comparative Slavic Studies. The Cyrillo-Methodian Tradition, 1985:34).
„Кирил и Методиј: ниту Грци ниту Бугари – туку Словени“ е насловот на научната статија од 10 август 1985 година во американскиот весник „Њујорк тајмс“, која ја објавил бугарско-американскиот историчар д-р Спас Т. Рајкин, професор по историја во Универзитетот на Источен Страдсбург во Пенсилванија, САД. Тој по етничко потекло е бугарски емигрант во САД. Поткрепувајќи се на документарните записи и факти од историјата, Рајкин јасно и гласно аргументира: „Светите Кирил (Константин) и Методиј не биле ниту Грци, ниту Бугари. Тие биле Словени од Солун од Македонија. Ова е документиран запис на историјата. Да се расправа надвор од тоа, заради некаква грчка, или бугарска ‘теорија’ е денес само шовинистичка политика. Нивното совршено преведување на словенски јазик (фонетски и лексички) на библиските и литургиските книги од грчки јазик укажува на нивното словенско потекло. Словените од Македонија се народот на Кирил и Методиј…!“
По прашањето за народноста на едниот од македонските браќа просветители, Свети Методиј, историчарот проф. д-р Александар Атанасовски вели дека во „Панонските легенди“ авторот на неколку места зборува за „нашиот род“ и „нашиот учител и наставник“, па бидејќи авторот бил од словенски род, со тоа јасно го нагласил и словенското (барем делумно) потекло на просветителите.
– За словенското потекло на Методиј во еден извадок се вели: „Дојде еден Словен од пределите на Истра и Далмација, по име Методиј, кој ја пронашол словенската азбука, ја исполнувал божествената служба на словенски јазик и станал причина да се изостави латинскиот јазик“ – цитира Атанасовски.
Германскиот археолингвист д-р Харалд Харман, поранешен професор по лингвистика и културни студии во угледни престижни универзитети во Германија и Јапонија, е дел од серијата врвни светски јазичари. Харман исто така го потврдува македонското етничко потекло на Кирил и Методиј и фактот дека тие, како родени говорители на македонскиот дијалект од Солунско, го користеле својот мајчин македонски јазик во преводите на црковните книги од грчки јазик. Во престижната научна енциклопедија „Домородните народи на светот: енциклопедија на групи, култури и современи прашања“ од 2015 година Харалд Харман нагласува: „Кирил, роден како Константин, бил син на мајка Македонка, а словенскиот му бил мајчин јазик. Во тоа време Македонците во близината на Солун го зборувале словенскиот јазик“. („Native Peoples of the World. An Encyclopedia of Groups, Cultures and Contemporary Issues“. Harald Haarmann, 2015:288).
Два американски експерта најдиректно ги поврзуваат Кирил и Методиј со, како што нагласуваат, „македонскиот дијалект, што се користел во внатрешноста на нивниот роден град, Солун“! Во својата научна студија „Југоисточна Европа во средниот век, од 500 до 1250 година“, д-р Флорин Курта и д-р Пол Стeфенсон пишуваат: „На барање на царот Константин и неговиот брат започнале со преведување религиозни текстови на старословенски јазик, литературен јазик, најверојатно заснован врз македонскиот дијалект, што се користел во внатрешноста на нивниот роден град Солун. Константин смислил нова азбука, подоцна наречена глаголица…“ (Florin Curta & Paul Stephenson, „Southeastern Europe in the Middle Ages, 500-1250“, 2006:214). Курта е професор по средновековна историја и археологија во Универзитетот на Флорида, во Гејнсвил, САД. Стeфенсон е професор по византиска и средновековна европска историја во Универзитетот „Таусон“ во Мериленд, САД.

Македонскиот јазик во просветителската мисија

Браќата Македонци Кирил и Методиј го исползувале за целите на својата сесловенска просветителска мисија својот дијалект на мајчиниот македонски јазик, говорен во селата Суха, Висока и Зарово, на едвај десетина километри од Солун. Македонците биле жители на Солун уште од античките времиња, покрај другите негови жители од различни етникуми. Во оваа смисла, прочитајте што наведува Мартин Е. Хулд, експерт за индоевропски јазици од Државниот Универзитет во Калифорнија, САД, во својата научна статија, поместена во „Енциклопедијата на индоевропската култура“: „Старословенскиот јазик, литургискиот јазик на Источната ортодоксна црква, е заснован врз солунскиот дијалект на старомакедонскиот јазик, еден од јужнословенските јазици“. (Mallory James, D.Q.Adams /eds/. „Encyclopedia od Indo-European Culture“, 1997:301).
Древномакедонскиот јазик на Кирил и Методиј тогаш се наоѓал во почетокот на неговото проткајување со состојки од јазикот на словенските племиња, кои се населувале во Балканот и кои вршеле опсада, а потоа и ги завладеале Солун и неговата околина. Нема ништо нејасно, ниту противречно кога светските објективни научници споменуваат македонски и словенски јазик во случајот со Кирил и Методиј: овие два јазика пред 1.100 години започнале меѓусебно да се проткајуваат, да се развиваат и да се дополнуваат, создавајќи ја основата на денешниот современ македонски јазик. Напоредно со овие развојни процеси на јазичен план, започнале да се одвиваат и постапните еволутивни процеси на етничко мешање, на македонизирање на Словените и словенизирање на Античките Македонци. Од нив произлегол и се развивал низ натамошните векови денешниот македонски народ со својот денешен македонски јазик и со сите свои други познати идентитетски обележја.
Македонската лингвистика, поточно науката за македонскиот јазик и македонската историографија имаат јасна и итна национална должност во Македонија и низ светот еднаш засекогаш да се изборат за единственото правилно именување на Кирил и Методиј како македонски и сесловенски просветители, истапувајќи проактивно и непрестајно со ваквите позиции и сите аргументи во прилог на тоа на сите семожни научни конференции и научни списанија во Европа и во светот.

Свето Тоевски