Фото: Игор Бансколиев

Од Центар информираат дека само за 2022 година, за административно отстранување диво изградени проекти биле предвидени 9.000.000 денари, од кои биле потрошени 4.473.812 денари. За годинава, пак, буџетот изнесува 8.000.000 денари, а општинските власти немаат точен број за тоа колку дивоградби имаат на својата територија

Општина Центар иницира мерка „конфискација на дивоградбите како спас од урбаното самоволие“

Веќе неколку дена јавноста со внимание го следи расплетот на случувањата околу иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со која тој нуди законско решение за конфискација на бесправно изградените објекти со бесправен статус и нивна реупотреба. Информацијата наиде на голем број реакции во јавноста, бидејќи нуди радикално решавање на долгогодишниот проблем со урбаната мафија. Иницијативата најпрво беше поднесена во Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

КОЈА Е ЦЕЛТА НА ИНИЦИЈАТИВАТА

Целта на иницијативата е да најде и произведе решение и да даде можност за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината.
Како што истакна Герасимовски, преку оваа иницијатива треба да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Ако оваа иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани.
Во согласност со иницијативата, во постојниот закон е потребно да се вметнат одредби со кои при утврдување дека објектот предмет на постапката за легализација отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон ќе се упати на постапка за реупотреба. Неопходно е да постојат одредби со кои ќе се констатира дека објектот предмет на постапката за легализација претставува објект што е изграден надвор од законски предвидениот рок (по 2011 година) и кој не претставува објект предвиден за легализација во согласност со законот. Со измените, истиот тој со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација во согласност со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Во Законот за управување со конфискуван имот најпрво треба да се интервенира во основните одредби за да може да се вклучи и управната постапка, која произлегува од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Преку измени и дополнувања на овој закон, неопходно е да ѝ се даде можност на Општината да биде должна да ја докаже оправданоста од чинот на конфискување, и тоа исклучиво поради: природата на објектот, докажани отстапувања од урбанистичко-планските документации при изградбата, немање одобрение за градење, отстапување од одобрението за градење и исцрпување на сите правни лекови и постапка преку кои недвосмислено е докажано дека објектот е изграден надвор од одобрението за градење и она што го наложува Законот за градење.
– Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите. Верувам дека оваа иницијатива ќе отвори дебата во јавноста и многу прашања и дилеми што внимателно треба да се следат и адресираат во изработката на евентуалните измени во законите -истакна Герасимовски.
На седницата на ЗЕЛС, Герасимовски по презентацијата доби широка поддршка од градоначалниците. Примената на иницијативата и според колегите градоначалници е неопходна, бидејќи бесправните објекти се проблем што го црпи буџетот во секоја општина. Герасимовски на широка дискусија ќе ги покани и скопските градоначалници за заедничко дејствување на општините, по конфискацијата на дивоградбите, истите тие да ги пренаменат и да ги искористат за потребите на граѓаните.

ОД КОГО ДОБИ ПОДДРШКА ОВАА ИНИЦИЈАТИВА?

Иницијативата беше претставена и пред министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и за правда Кренар Лога, кои исто така ја поддржаа идејата.
Според министерот Бочварски, клучни се три моменти, односно зајакнување на инспекциските служби, зголемување на казните за бесправно градење и ангажирањето приватни правни лица, кои ќе дејствуваат како надворешни инспектори, под договор со општините.
– Сметам дека одземањето на објектите нема целосно да го реши проблемот. Но застанувам зад иницијативата и сметам дека е добро да се отвори широка дискусија на оваа тема. Според мене, иницијативата е добра, но треба да се доработи во одредени делови. Клучно е да се зајакнат инспекциските служби, да се интервенира во Законот за градежно земјиште со зголемување на глобите и ангажирање надворешни компании што би им помагале на општинските служби во справувањето со објектите од втора категорија – вели Бочварски, додавајќи дека еднаш мора да му се каже „стоп“ на нелегалното градење.
Оваа иницијатива доби целосна поддршка од Управниот одбор на ЗЕЛС.
За некои од граѓаните оваа иницијатива е за поздрав. Според нив, конечно треба да се воведе ред во урбаното самоволие на поединци, кои себеси се сметаат над законот.
– Кому каде му текнало, таму си изградил. Дојдете само во Чаир да видите на што личи. Фрчат дивоградби насекаде, секој доградува што сака, каде сака, од згради пробиваат врати и си заградуваат дворови, небаре се нивни. Тука имаме сериозен проблем и редно е тој да се реши – вели Роза Трпковска, жителка на Чаир.
И другите граѓани сметаат дека ова е светло на крајот на тунелот.
– Ако еднаш им се конфискува, да видам дали ќе им текне пак да градат. Треба да се воведе ред на ова поле и ја поздравувам иницијативата на градоначалникот Герасимовски. На сите општини, особено на Скопје му треба ваква инцијатива, за да не се задушиме во тие дивоградби – вели Милан Стојановски, жител на Аеродром.

КОЛКУ ПАРИ СЕ ТРОШАТ ЗА УРИВАЊЕ

Проблемот со дивоградбите е болна точка на сите општини и токму поради тоа беше донесен и Законот за легализација на дивоградбите. Според груба пресметка, досега во Агенцијата за катастар на недвижности се впишани имоти на 296.810 објекти што добиле решение за легализација од матичните општини.
Оние што го прекршиле рокот, важат за дивоградби.
Од Центар информираат дека само за 2022 година, за административно отстранување диво изградени проекти биле предвидени 9.000.000 денари, од кои биле потрошени 4.473.812 денари.
– Буџетот за административно отстранување објекти предвиден за 2023 година изнесува 8.000.000 денари. Општина Центар во моментов не располага со точен податок за бројот на дивоградби на територијата на општината – велат општинските власти.

[email protected]