Реакција

Вработените во Филхармонијата упатија писмо во кое се противат на владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција НУ Оркестар за џез-музика во објектот на националната установа Македонската филхармонија. Решението, според нив, е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза.
– Како вработени во Филхармонијата, би сакале да ја изразиме нашата загриженост за функционирањето на институцијата и да укажеме на тоа дека во објектот на Филхармонијата (која е нашиот втор дом) не е можно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти. Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме се замислени, конципирани и изградени исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред сѐ на оркестарот на Македонска филхармонија, чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) што се наоѓаат во објектот – велат во писмото.
Според нив, капацитетот на просториите во кои се сместени вработените во делот на администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет.
– Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби беше пренаменета една од просториите за вежбање. Постои и кафетерија, која е дадена на користење, а која, според проектот, треба да се користи за цели на вработените и гостите на институцијата, а сегашната намена воопшто не соодветствува со нејзината првична намена. Се разбира, тука се големата и камерната сала на Филхармонијата, кои се користат за она за што се наменети, односно за симфониски и камерни концерти – додаваат вработените.
Тие ја искажуваат својата загриженост дека како институција што 70 години се борела да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, ќе треба да ѝ отстапат простор на уште една институција. Истовремено нагласуваат дека не се против нивните колеги и постоењето на овој оркестар, но не би можеле да ја прифатат одлуката оваа новоформирана институција да биде сместена и да функционира во овој објект.
Дописот со реакција и листа со потписи од речиси сите вработени во Филхармонијата е испратен до министерката за култура и до Владата.