Колку и да сакаме да останеме будни цела ноќ и без никакви грижи, повеќето од нас имаат обврски што бараат од нас да станеме наутро, а понекогаш не е толку лесно да заспиеме. Според „Рикавери вилиџ“, 30 проценти од возрасните доживуваат несоница одвреме-навреме, што го прави најчестото нарушување на спиењето. Но нешто едноставно, како јадење парче овошје пред спиење, може да ви помогне да се одморите во целост.

Она што го јадете пред спиење влијае на вашиот сон

Она што ќе изберете да го јадете, без оглед на времето од денот, ќе влијае на вашето здравје и благосостојба. Но кога се подготвувате за спиење, особено е важно да избегнувате сѐ што е богато со шеќер или маснотии, за што е потребно многу работа за вашето тело сѐ да обработи и може да ве остави да се вртите цела ноќ, пренесува „Бестлајф“.
– Студиите покажуваат дека консумирањето храна богата со влакна предвидува повеќе време поминато во длабок сон, додека заситените масти и шеќер може да бидат поврзани со полесен, помалку квалитетен и нарушен сон – вели Никол Дандреа-Расерт, нутриционистка и авторка на блогот „Пјурели плантед“.
Целата растителна храна исто така може да ви помогне да заспиете поцврсто и може да ве спречи повторно да се разбудите среде ноќ. Растителната храна што е богата со јаглени хидрати, вклучувајќи и влакна, може да го стимулира ослободувањето серотонин, помагајќи ви да заспиете и да спиете добро во текот на ноќта.
– Овошјето воопшто е добар извор на растителни влакна, особено јаболка, круши и бобинки – додава таа.

Бананите се одличен извор на калиум

Калиумот е есенцијален минерал и електролит, кои ни се потребен за правилно функционирање на срцето. За наша среќа, бананите се полни со тоа.
– Бананите се богати со калиум, кој помага да се регулира нивото на крвниот притисок и да се намали нивото на стрес пред спиење – вели Марк Вернер, експерт за спиење и извршен директор на „Гоуст бед“.
Бананите се богати и со други минерали и витамини што ќе ви помогнат да спиете поздраво ноќе.
– Бананите содржат хранливи материи како калиум, магнезиум, триптофан и витамини што го поттикнуваат спиењето. Триптофанот е клучна аминокиселина за производство на серотонин, хормонот што предизвикува спиење. Серотонинот работи со мелатонинот, друг хормон што го одржува регулиран циклусот сон-будење, така што ќе се чувствувате сонливо во редовни периоди и ќе се будите во одредено време – вели Кетрин Гервасио, диететичарка и нутриционистка.

Црешите се богати со мелатонин

Ако застанете до рафтовите со здрави производи во супермаркетите, сигурно ќе го видите популарниот мелатонин како средство за подобро спиење. Но не мора секогаш да го земате како додаток за да ги искористите придобивките.
– Мелатонинот е вашиот хормон што промовира добар сон. Постојат неколку вида овошје што се добри извори на мелатонин, а тие вклучуваат цреши, калинки, домати и јагоди, кои е докажано дека се поддршка за здрав сон – вели Дандреа-Расерт.
Вишните исто така содржат големи количества мелатонин и може да се јадат или да се ужива во нив со додавање во кашест сок пред спиење.
– Вишните содржат мелатонин, клучен хормон за регулирање на сонот. Јадењето свежи или сушени кисели вишни или пиењето мала чаша сок го зголемува нивото на мелатонин во телото, што ви помага да заспиете малку полесно – вели Лаури Лидли, основач и клинички едукатор за спиење во „Валиј слип центар“.

Кивито има висока содржина серотонин

Кивито е одличен извор на витамин Ц и е познато дека го промовира здравјето на срцето, го зајакнува вашиот имунолошки систем и го подобрува вашето дигестивно здравје. Ова слатко овошје исто така има одлични резултати во студиите за подобрување на спиењето.
– Истражувањата покажуваат дека кивито може да ви помогне да спиете брзо и цврсто. Иако кивито не е директен извор на мелатонин, тоа е извор на серотонин, кој е претходник на мелатонинот – вели Дандреа-Расерт.
Во студијата спроведена од Националната медицинска библиотека (NIH), учесниците јаделе две кивија еден час пред спиење во период од еден месец. Резултатите од оваа студија покажаа зголемено количество на времето за спиење, како и помалку нарушувања на спиењето. Според студијата, вкупното време на спиење и ефикасноста на спиењето беа значително зголемени (13,4, односно 5,41 проценти). Консумацијата на киви може да ги подобри почетокот на спиењето, времетраењето и ефикасноста кај возрасните со нарушувања на спиењето. М.К.