По завршувањето на познатиот фестивал „Причигин“

Македонскиот писател Александар Прокопиев беше годинашен гостин на познатиот сплитски фестивал на раскажување приказни „Причигин“, на кој, како и обично, на сплитската публика ѝ се претставија одлични гости, кои донесоа неповторливи приказни, многу смеа и забава. Годинашното издание беше 16-то по ред. Темата на вечерта во која настапи нашиот писател беше приказна за моментот на најголемата непријатност во животот.
Фестивалот беше отворен пред преполното гледалиште во амфитеатарот на сплитскиот Дом на млади, а во текот на петте дена собра многубројна публика. Улогата на извршна директорка на фестивалот годинава ја презеде Маја Вранќиќ, добропозната во сплитските културни кругови, а на местото уметничка директорка е именувана исто така познатата, омилена и искусна водителка на „Причигин“, Патриција Хорват. Таа истакна дека манифестацијата останува во своите рамки како и досега и дека има голем интерес на публиката.

– Фестивалот на раскажување приказни „Причигин“ навистина е еден бренд што произлезе од рамките на нашиот град и тоа многу нѐ радува – рече Вранќиќ.
Традиционално, втората вечер на фестивалот беше посветена на регионалните писатели, кога настапи и нашиот автор. Пред преполната сала, на тема срам, своите приказни ги раскажаа Никола Купрешанин, Александар Прокопиев, Ѓорѓе Греговиќ, Горан Војновиќ и Ненад Шкаљац. Прокопиев во Сплит ја донесе приказната за скопските „маала“.
„Причигин“ како ретко кој фестивал живее со својата публика (а не од публиката), па на организацијата ѝ се приклучи цела мала војска на способни жени, кои ги вложија своето време и знаење во иднината на фестивалот. Станува збор за мал-голем фестивал што од првиот ден расте на крилјата на љубовта, заедништвото и меѓусебната поддршка. Концептот на фестивалот и годинава не беше сменет, а 16-то издание подготви и некои изненадувања. Почна симболично на 21 март, Светскиот ден на раскажувањето и првиот ден на пролетта. Отворањето беше со неколку хрватски писатели и писателки што раскажаа приказни за инфлацијата, на темата „Повеќе од вчера, помалку од утре“. Гости беа: Сања Баковиќ, Лидија Дедуш, Синиша Павиќ, Андрија Шкаре, Давор Шпишиќ, Марина Вујчиќ. Темите се менуваа секоја вечер: „Од загрепската гора никогаш не се гледа морето“, „Како да продадеш бели бубрези“, „Земјо, отвори се – приказни за бламажата“, „Радувајте се, народи“ – авторска вечер… В. Д.