Очекувам присуство на околу 25 џудисти од сите клубови што се номинирани во поширокиот список кандидати за репрезентативниот дрес, вели селекторот на кадетите Дејан Мицкоски. Македонија годинава е домаќин на Балканското првенство

ЏУДО – ВИКЕНДОВ ВО ПРИЛЕП

Во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и со техничка поддршка на прилепскиот џудо-клуб Сеишин, во Прилеп денеска и утре ќе се одржат викенд тренинг-подготовки на џудистите што се потенцијални кандидати за кадетската репрезентација на Македонија, која, пак, ќе настапи на Балканското првенство (БП), кое во јуни треба да се одржи во Македонија.
– Со оглед дека завршија државните првенства за кадети и за јуниори, каде што учествуваа натпреварувачи од кадетската возрасна категорија, а во согласност со планот и програмата за работа, ќе ги спроведам овие викенд тренинг-подготовки, каде што наедно ќе се изврши и првична селекција на потенцијалните кандидати што ќе ги бранат боите на кадетската репрезентација на Македонија. Очекувам присуство на околу 25 џудисти од сите клубови што се номинирани во поширокиот список кандидати за репрезентативниот дрес – ни изјави селекторот на македонските кадети Дејан Мицкоски
Во овие активности, на селекторот Мицкоски ќе му помагаат Мики Чадамов и Трајче Марков, како официјални тренери на кадетската репрезентација. Г.И.