Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. Германецот Хорст Бланкенбург, трикратен европски првак со Ајакс, одбранбен фудбалер, позиција либеро, е еден од фудбалерите на оваа необична листа

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (2)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за израмнување на рекордот од шест такви пехари во кариерата, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но секако натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и тројца трикратни европски прваци, но и други фудбалери што биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации…
На оваа необична листа е и Германецот Хорст Бланкенбург (75), одбранбен фудбалер, позиција либеро, соиграч на голманот Хенц Стај, кого го претставивме во првото продолжение, во минатата недела, од славните денови на холандскиот Ајакс од 1970-тите години (тоа е периодот кога клубот од Амстердам, кој воведе нова фудбалска филозофија, наречена тотален фудбал, освои три европски титули во низа). Бланкенбург беше избран и за член на една селекција на Европа, во 1973 година, за еден ревијален натпревар, беше еден од најуспешните германски фудбалери во својата ера, но остана без настап за репрезентацијата на Германија, која во тој период на таа позиција го имаше на пример Франц Бекенбауер. Според информациите, Јохан Кројф сакал да издејствува Бланкенбург да игра за Холандија.
Бланкенбург, кој во тоа време се истакнал како еден од најдобрите либера во Европа, во првите сениорски сезони играше во Германија и во Австрија, пред да се пресели во Холандија, каде што со Ајакс, чиј дрес го носеше од 1970 до 1975 година, покрај трите европски титули (настапи 45 минути во првото финале, со Панатинаикос, во 1971 година, а цели натпревари одигра во следните две финални средби, со Интер во 1972 година и со Јувентус една година подоцна), освои и по две првенства и два купа на Холандија, како и една светска клупска титула (1972 година) и два европски суперкупа (1972 и 1973 година).

Но, Бланкенбург во својата богата клупска фудбалска кариера има и титула првак на Германија, со Нирнберг (во 1968 година, кога одигра 13 натпревари, но без настап на натпревар од Бундеслигата во таа сезона), и е победник на Купот на Германија со Хамбургер (во 1976 година). Со Хамбургер Бланкенбург потоа го освои и некогашниот Куп на победниците на куповите (20 години подоцна тоа натпреварување, во кое играа само освојувачите на трофејот во домашниот куп, се спои со тогашниот Куп на УЕФА, а тоа натпреварување сега е со име Лига Европа). Тоа финале во 1977 година, со Андерлехт (2-0), се одигра на Олимпискиот стадион во Амстердам, кој Бланкенбург добро го познаваше, откако на тој стадион меѓународните натпревари ги играше неговиот претходен клуб Ајакс.
За заслугите на Стај и на Бланкенбург за Ајакс посочува на пример и податокот дека се изградени 11 моста во близината на стариот стадион на Ајакс, во Амстердам, кои добија имиња според единаесетте фудбалери што освоија три последователни европски титули, од 1971 до 1973 година, а Стај и Бланкенбург беа едни од нив. И покрај огромниот успех на клупско ниво, Бланкенбург не одигра ниту еден меч за репрезентацијата на Германија. Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Универзалец и рекордер