Швајцарската драма „Семи, Џо и јас“, во режија на Карин Хеберлајн, во која едната од главните улоги ја толкува 19-годишната актерка од Швајцарија со македонско потекло Јана Секуловска, од денеска премиерно ќе се прикажува во кината низ земјава. Филмот е на редовниот репертоар на киното „Милениум“ во Скопје, во терминот од 19 часот, а ќе се прикажува и во центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар и во центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. „Семи, Џо и јас“ задутре се прикажува во Кинотеката и во Центарот за култура во Битола, од каде што продолжува во Македонска Каменица.
За Секуловска ова е прв долгометражен игран филм. Во последните две години таа гради актерска кариера во Швајцарија, каде што се појавува во кратки филмови и реклами. Секуловска минатата година беше специјална гостинка на фестивалот „Џифони Македонија“, каде што се сретна со публиката и одговараше на прашања поврзани со филмот. Таа ја игра Лејла, која заедно со Семи и Џо се неразделна група девојки. Тие се подготвени за возбудливо лето по матурирањето. Но она што следува е сосема непредвидливо и многу посериозно од нивните предвидувања. Силен филм за искушенијата, растењето и пријателството, кое е поважно од сѐ друго.
Режисерката Карин Хеберлајн освоила неколку меѓународни награди за „Семи, Џо и јас“, меѓу кои на Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија. Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медија“ од Битола, со поддршка од националната швајцарска агенција за промоција на филмови продуцирани во Швајцарија „Свис филмс“.