Неодамнешната церемонија на 95-то доделување на „оскарите“ ја гледале 18,7 милиони лица во САД, покажуваат податоците објавени од истражувачката агенција „Нилсен“.
Иако церемонијата имаше силна конкуренција од последната епизода на серијата „Последниот од нас“, која ја погледнаа осум милиони луѓе, гледаноста на „оскарите“ порасна за 12 отсто во однос на ланското доделување на наградите (15,36 милиони). За зголемувањето на гледаноста, очигледно, придонесе учеството на двата најголеми блокбастери од 2022 година, „Аватар: патот на водата“ на Џејмс Камерон и „Топ ган: Маверик“ на Џозеф Косински. Првиот доби „оскар“ за најдобри визуелни ефекти, вториот за звук. Лидер по бројот на награди беше драмата „Сѐ во исто време“, која освои седум „оскари“.
Најгледаната церемонија на „оскарите“ во историјата на овој настан беше онаа од 1998 година, кога филмот „Титаник“ на Џејмс Камерон освои дури единаесет „оскари“, изедначувајќи се со филмот „Бен Хур“ од 1959 година. Церемонијата одржана пред четвртина век ја следеле 55,3 милиони луѓе. Во последните десет години најгледано беше доделувањето на оскарите во 2014 година, кое го следеа 43,6 милиони гледачи.