Интернационалниот фудбалски борд ја истакна потребата од прецизно пресметување на времето додадено за прекини на играта поради повреди, замени, задржување време и прослави на голови. „Сакаме да се бориме против губењето време, сакаме гледачите да уживаат во играта. Мораме да се погрижиме и примената на правилата на играта да биде универзална“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино

ФУДБАЛ

Натпреварите од 100 минути, кои станаа рутина на Светското првенство во Катар, ќе станат рутина во клупскиот фудбал, соопшти комисијата за донесување правила на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), кој го сочинуваат ФИФА и четирите британски фудбалски федерации, ја истакна потребата од прецизно пресметување на времето додадено за прекини на играта поради повреди, замени, задржување време и прослави на голови. На Светското првенство во Катар, дополнителното време од пет минути за секое полувреме стана рутина, бидејќи судиите ги следеа упатствата на ФИФА и неколку натпревари се играа по 10 минути по пропишаните 90.
– Сакаме да се бориме против губењето време, сакаме гледачите да уживаат во играта – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Тој вели дека правилата на фудбалот не треба да се менуваат, бидејќи тие веќе бараат прецизно пресметување на дополнителното време.
– Мораме да се погрижиме и примената на правилата на играта да биде универзална – рече Инфантино, истакнувајќи дека тие моментно не се во согласност со просечното ефективно време за играње во лигите низ светот, кое се движи од 50 до 60 минути по натпревар.
– Ќе ги надгледуваме лигите низ светот. Не мислам дека треба да се преземат некакви присилни мерки – вели Инфантино.
Судиите што го додаваа целото време за прекини поради повреди „го отстранија поттикот играчите да останат на теренот подолго отколку што е потребно“, рече извршниот директор на Англиската федерација, Марк Булингем.
Панелот се согласи дека не сакаат да го спречат прославувањето на головите.
– Тие се суштината на радоста на фудбалот. Но, еднакво, ако сте тимот што штотуку го примил голот, сакате да бидете сигурни дека ќе се додаде тоа време – рече Патрик Нелсон од Федерацијата на Северна Ирска.
ФИФА и англиските функционери, исто така, продолжија да не се согласуваат околу еден аспект на третманот на играчите со сомнителен потрес на мозокот на натпреварите, пишува АП. ИФАБ ќе продолжи со пробите на постојани замени за играчи со повреди на главата, опцијата што ја претпочита ФИФА, наместо да дозволува проби со привремени замени. Тоа е опцијата поддржана од англиската Премиер-лига и од МЛС, што ќе им овозможи на повредените фудбалери да бидат проценети покрај теренот подолг период и потенцијално да се вратат во игра. Булингем рече дека постојаните замени се најдобриот модел за фудбал во младински категории и во пониски професионални нивоа. Се бараат привремени замени на елитно ниво, пишува АП. Н.М.