Не знам дали забележувате како Нордистан полека навлегува во Европската Унија, ама не стандардно и здодевно, туку стратегиски, хируршки прецизно, чекор по чекор. Прво им влеговме на Грците. Грција е колепка на демократијата (во колепки обично има бебиња на кои треба да им се менуваат искашкани пелени), патем зачленети се во ЕУ, и ние, алхемиски мудро и езотерично скокотливо, ги измешавме поимите промена на пелени и искашкани вредности, па го направивме првиот бебешки чекор кон Унијата и… и им влеговме на Грците. Ги натеравме да ни го сменат името. Од Македонија станавме Нордистан. И ги заебавме. Ем го направивме првиот чекор во ЕУ, мал чекор за безумноста, ама голем апсурд за нордистанците, ем новото име ни ги плаќа сметките, а Грците си останаа должни како Грција.
Втор чекор се Бугарите, бидејќи и тие се евроунијаши. Ги натеравме да посакаат да ни влезат во устав, во историја, во јазик, ако се запнеме може да ги натераме да посакаат да ни влезат и во постела. Нордистан можеби работи бавно, но сигурно дејствува прецизно. Бугарите не се ни свесни дека влегувајќи им на нордистанците во устав, преземајќи им ја историјата и ставајќи им бугарски печат на јазикот, всушност го внесуваат Нордистан во ЕУ, и тоа преку себе, на еден повисок метафизички начин.
Да не се лажеме, нордистанските власти се врвни метафизичари, алхемичари и езотеричари. Како што само посветените на древните тајни знаеле од олово да направат злато, така нашиве магови тука, спроведоа магиска формула што гласи, Македонецот станува нордистанец, а нордистанците се Бугари, по што со две нозе зацапавме во еротски привлечните вредности на ЕУ. И не само тоа. Повторно сме во материјална добивка. Како што новото име ни ги плаќа сметките, така новата историја сосе Бугарите напикани во устав и граматика, ќе ни ги враќаат долговите.
Со третиот чекор ќе навлеземе уште подлабоко во Европската Унија. Планот е територијално да се интегрираме. Ќе ги натераме Бугарија и Албанија територијално да го присвојат Нордистан, само што за овој чекор треба да бидеме трпеливи и да почекаме, прво Албанија да влезе во ЕУ. Ама не седиме со скрстени раце. Ги предадовме сите институции во рацете на алхемичарите и метафизичарите од ДУИ и сега ни останува да почекаме, повисоките од надвор масони, магови и гуруа, да ја завршат својата работа.
Е сега, не треба да бидеме вообразени и сите заслуги и успеси да си ги припишеме на нашата генијалност, па убаво е да признаеме дека имаме помош од нашите стратегиски партнери, меѓународната заедница, онаа вистинската, носителка на западни цивилизациски вредности. Па така, темните магови на белата куќа од соѕвездието на соединетите алхемиски држави, на местото на логиката и разумот, преку метафизичкиот метод „црпнати од Бога“, ни октроираа врвни познавачи на езотерични науки што ја спроведуваат нашата еротска приказна со сексапилната дама, некогашна вавилонска блудница, закачувајќи нѐ за брадавиците на двете нејзини гради, Грција и Бугарија. Ова, секако, беше забележано од нашите пријатели, моќните британски друиди, кои веднаш се одделија од страсното тело на Унијата правејќи ни место во постелата. А бидејќи нема вистински алхемиски секс без француски бакнеж, големиот мајстор на ложата во Париз ни даде непристоен предлог, инаку древен ритуал измислен од окултистот Маркиз де Сад, кој приближно изгледа како „губење идентитет и невиност, откако некој те млател и ти правел реденка на задно седиште во „рено 4“, поза обожавана од елитистите на нашата интелектуална бижутерија, нормално, само ако ја спроведе некој мајстор на еротиката од оние „повисоките од надвор“.
Во меѓувреме, додека се одвиваат сите овие идентитетски жртвувања и ритуални оргии под нозете на божествата од пантеоните во Брисел и Вашингтон, нордистанските алхемичари ја спроведуваат својата агенда наречена евроинтеграција на сите можни нивоа. Еве ви пример! Окултистот познат како Тито ги измисли Македонија и Македонците. Се испостави дека Македонија не им ги плаќа сметките на црвената буржоазија, интелектуалната бижутерија и граѓанството луѓенца (инаку пандан на старозаветните фарисеи, книжници и лицемери што милуваат да распнуваат неистомисленици), па така, магиската зборовна формула Македонија беше ликвидирана и фрлена на буништето на историјата, а на нејзино место се подигна нордистанската вавилонска кула. Во таа кула веднаш дојде великиот мајстор Урсула, која знае како од чипови на миксери да направи полнети пиперки и, како некогаш Тито, веднаш измисли нов народ наречен нордистанци, во нејзиниот зборовен код, северномакедонци.
На тој начин започна да се обликува една нова алхемиска структура, која не само што знае како да се интегрира кај своите стратегиски партнери туку умее лесно да детектира каде лежи и се прозева зајакот, чија мајка туѓа волја преде и кои се вечните стратегиски непријатели на светата меѓународна тврда столица, а со тоа и на успешната нордистанска приказна. Еве како одеше тоа.
Нордистан постави неколку невидливи стапици на различни општествени локации. Први загризаа сајбер-терористи. Почнаа да поставуваат лажни дојави за бомби по училишта и други институции. Потоа се навлекоа сајбер-криминалци, кои го киднапираа сајтот на ФЗО без да знаат дека всушност самите се киднапирани. Паралелно со нив, во замките упаднаа сајбер-подметнувачи, кои милуваат да подметнуваат непосакувани влијанија меѓу редови, надвор од контекст и низ сарказам. Нордистанските метафизичари внимателно ги анализираа овие упади во наместените стапици и веднаш сфатија дека тоа секако се Руси, мора да се Руси и сигурно се Руси, дури и оние што не се Руси. Нордистан не само што се интегрира во ЕУ туку и на своите стратегиски партнери им помогна да се детектира злото.
Во следната колумна ќе ви објаснам зошто Бајден се поздрави со невидливиот човек, кој, всушност, е познатиот патник низ времето, агентот Херберт Џ. Велс, и како тој, враќајќи се од иднината, донесе крунски докази дека Русите се вонземјани, кои честопати се преправаат во Кинези. И не само тоа. Ќе ви откријам вистина од огромно значење за нордистанската цивилизација, пред сè, артефакти дека Бугарите се Грци и како наједноставно да си го исполните времето полнејќи пиперки, претурајќи од шупливо во празно, според алхемискиот принцип за борба против неистомисленици, познат како, наполни го со олово, затоа што молчењето е злато.