Без заштитен македонски национален идентитет нема стабилна држава

„Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја сопствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја кукја; за прв пат тој стана дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава“ – Манифест на АСНОМ до македонскиот народ

Секоја личност има национален идентитет, односно себеси се определува како составен дел од одредена нација. Ова самоопределување вклучува емоционална поврзаност и национална гордост што може да се чувствува при успесите во спортот, уметноста и науката или, пак, почитување на националното знаме и химна. Колку повеќе луѓето се чувствуваат блиски со нацијата, толку е посилен нивниот заеднички национален идентитет. Нацијата и државата се соединети едно со друго, нацијата е клучна за стабилноста на државата, државата е клучна во негувањето национален идентитет, а тоа води кон лојалност и почитување на државата. Изградбата и стабилноста на државата зависат од негувањето на националните традиции, симболи, заедничката историја, заедничките обичаи итн.
Ова е особено видливо во неколкуте клучни одлуки и ставови на Првото заседание на АСНОМ кога беа поставени темелите на македонската државност, но и кодификација на македонската нација. Една од важните одлуки на АСНОМ беше и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Доколку се земе предвид дека негирањето на македонскиот јазик беше карактеристика на шовинистичките пропаганди што ѝ претходеа на македонската државност, одлуката за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик дополнително ја засили националната физиономија на македонската нација.
Поврзаноста на современата македонска држава со македонските национални особености е очигледна и во одлуката на АСНОМ за прогласување на 2 август како државен празник. Со ова се нагласува континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава, со што се става акцент кон негување на заедничката историја. Не случајно во оваа одлука било нагласено дека 2 август е симбол на неговите борби за неговото „конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава.“
Поврзаноста помеѓу македонските национални особености и македонската држава може да се согледа и од Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него се претставени дотогашната историја и борбата на Македонците за слобода, со нагласување: „Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува.

За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја сопствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја куќа; за прв пат тој стана дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија…“
Нашите предци биле свесни дека изградбата и стабилноста на македонската држава се обусловени од негувањето на македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн. Затоа во повоениот период беа оформени голем број институции, како што е Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за национална историја, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ итн.
Во овој контекст, повторно е очигледна поврзаноста помеѓу македонската државност и македонската нација, но и стабилноста на македонската држава. Од денешна перспектива, кога постојано се негираат македонските национални особености и кога во неколку наврати беа нарушени асномските принципи, можеме да се доведеме во ситуација да биде нарушена стабилноста на македонската држава.

Зошто? Затоа што без заштитен македонски национален идентитет нема никогаш да имаме стабилна и просперитетна држава. Македонскиот народ е еден од столбовите на македонската државност и секое задирање во македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., може да доведе до дестабилизирање на државата и нејзино евентуално исчезнување. Ова е можно затоа што македонскиот народ има интерес да постои македонската држава, таа е матична земја на сите Македонци. Можеме да се доведеме во ситуација Македонците да не ја чувствуваат Македонија како сопствена држава и да немаат лојалност.
Ова особено се почувствува по промената на официјалното име на нашата држава, а дополнително нештата ќе се усложнат доколку бидат направени отстапки во однос на македонската историја и јазик. Македонија мора да вложува постојани напори во заштита и промовирање на македонските национални и културно особености, затоа што тие се стожерите на македонската државност.