Фото: Пиксабеј

Европската комисија денеска го објави документот „Подготовки за поширока Унија“, со кој предлага насоки и практични чекори за идното проширување на Европската Унија. Во предлогот се предвидува постепена интеграција на земјите-кандидатки, но и воведување заштитни механизми со кои би се обезбедило новите членки да ги почитуваат обврските преземени во пристапните преговори.

Според предлогот, земјите-кандидатки би можеле да учествуваат во одредени политики на ЕУ и пред формалното членство, доколку ги исполнат потребните услови. Целта е на тој начин да се зајакнат нивните административни капацитети и подготвеноста за членство, а истовремено да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите и во Унијата и во земјите-кандидатки.

ЕК се определила за концептот на постепена интеграција откако земјите-членки не ја прифатиле идејата за таканаречено обратно членство. Според тој модел, земјата-кандидат би станала формално и правно членка на ЕУ во значително пократок рок од редовната постапка, но без одредени права и придобивки сè додека не ги исполни сите критериуми за членство.

Комисијата предлага и нови заштитни механизми во идните договори за пристапување. Тие би овозможиле санкционирање на новите членки доколку отстапат од демократските стандарди или ги прекршат принципите и вредностите врз кои е основана ЕУ. Во најсериозните случаи, мерките би можеле да вклучуваат и одземање на правото на глас.

Предлогот опфаќа секторски заштитни мерки во три области – економијата, внатрешниот пазар и правдата и внатрешните работи. Слични механизми постоеја и во претходните договори за пристапување, но можеле да се активираат најдоцна три години по приемот на новата членка. Според извори од ЕК, периодот за нивна примена сега би можел да биде продолжен на 10, па дури и на 15 години.

Се предлага и нова неинституционална заштитна клаузула која би се активирала во случај на сериозно кршење на основните вредности на ЕУ и принципот на искрена соработка. ЕК предлага одлуката за активирање на институционалната заштитна клаузула да може да се донесе без согласност од сите земји-членки.

Во документот се предлага и идните земји-членки да се обврзат дека нема да го користат правото на вето врз одлуките за понатамошно проширување на Унијата поради билатерални спорови.

За забрзување на пристапните преговори, Комисијата препорачува одлуките за отворање преговарачки кластери, затворање поглавја и други чекори во процесот да се носат со квалификувано мнозинство. Едногласноста, според предлогот, би останала услов за формалното завршување на пристапниот процес.

ЕК предлага и посебен пристап кон Украина, со ограничени земјоделски субвенции и ограничен пристап до чувствителни земјоделски производи, со цел да се заштитат земјоделските производители во Франција и Полска.

Пакетот за проширување на ЕУ за 2026 година, кој ќе содржи извештаи за напредокот на земјите-кандидатки, Комисијата треба да го објави на 28 октомври. Во рамки на пакетот се очекува да бидат објавени и конкретни планови за четирите кандидати кои се најнапред во процесот на пристапување – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина – под услов да продолжи реформскиот напредок, пренесе МИА.

Плановите ќе содржат и индикативни рокови за одделните фази од процесот на пристапување.