Фото: Град Скопје

Зголемената финансиска поддршка од Владата за општините создава услови за реализација на инфраструктурни проекти, подобрување на локалната инфраструктура и поефикасно одговарање на потребите на граѓаните, истакнал градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на денешната средба со делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

Како што соопштија од Одделението за односи со јавност на Град Скопје, на средбата присуствувале коизвестувачите на Конгресот Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија, како и експерти и претставници на Секретаријатот на Конгресот.

Во фокусот на разговорите биле напредокот на локалната самоуправа, зајакнувањето на капацитетите на општините и заедничките активности за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.

Ѓорѓиевски ја нагласил и унапредената соработка со министерствата, како и новиот Меморандум меѓу Владата и ЗЕЛС, оценувајќи дека овие механизми создаваат основа за понатамошна децентрализација, финансиско зајакнување на општините и поефикасна локална администрација.

Според него, резултатите од соработката меѓу централната и локалната власт треба да се согледуваат преку конкретните придобивки за граѓаните – подобри јавни услуги, унапредена инфраструктура и подостапна и поефикасна општинска администрација.

На средбата било посочено и дека делегацијата на Советот на Европа го препознала ЗЕЛС како силна и обединета организација која ги застапува интересите на локалните власти.