Потребно е подигање на јавната свест во однос на ХПВ-вакцините, како најдобра превенција за спречување на рак на грлото на матката и што помасовен скрининг, беше заклучено на денешната панел дискусија „Искоренување на ракот на грлото на матката – како да го унапредиме здравјето на жените и девојките во Северна Македонија?”, што беше организирана од страна на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Скопје, во соработка со Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Рош Македонија Скопје.
Претседателот на Националната комисија за превенција и рана детекција на рак на грлото на матката Марјан Стојовски рече дека како национална комисија, имаат должност и обврска да ги спроведат сите протоколи што ги насочува и Светската здравствена организација, а тоа е до 2030 година 90 проценти од женската популација да биде опфатена со скрининг, 70 отсто од младите девојки од 12 до 14 годишна возраст да бидат покриени со вакцини и 90 проценти од сите рано откриени лезии на грлото на матката да бидат третирани.
-Нашата цел е што побрзо да се приближиме до европските трендови, а тие се три, три ипол, четири, пациентки на 100.000 жени годишно да заболуваат, додека кај нас тој процент е се уште многу висок и се уште сме во средно развиените земји кои имаат висок процент заради недостаток на скрининг. Мораме да сфатиме како држава дека се што ќе превенираме ќе ни се врати неколкупати со здрава нација и здрава популација – нагласи Стојовски.
За жал, како што посочи, засега е многу мал бројот на жени кои се опфатени со скрининг, но се вложуваат огромни напори тој број да се зголеми.
-Државата даде огромни средства, иако излезе некоја информација дека е намален буџетот на програмата. Напротив, тој е зголемен за околу 50 проценти и верувам дека доколку има потреба ќе најдеме уште финансиски средства – истакна Стојовски.
Проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националната комисија за имунизација посочи дека покрај скринингот, ХПВ-вакцинацијата е една од најуспешните методи со којашто може да се дојде до елиминирање на ова заболување.
Гроздановска потенцираше дека до 2030 години се планира 95 проценти од популацијата што е во групата за таа вакцина, да биде имунизирана.
– Треба да ја подигнеме свесноста за тоа дека имаме вакцина којашто спречува карцином. Оваа вакцина ја прати една стигма, посебно во регионот, поради тоа што се воведува во релативно рана возраст, кај нас е на 12 до 15 години и тогаш веројатно родителите се уште не размислуваат за сексуално пренослива болест како што е всушност ХПВ-то кое најчесто така се пренесува, треба во тој период да ги заштитат своите девојчиња, меѓутоа исклучиво е важно дека пред да бидат сексуално активни да ја примаат оваа вакцина бидејќи во 97 проценти заштитува, извонредно е ефикасна и безбедна – порача Грозданова.
Шефицата на Канцеларијата на Фондот за население УНФПА на Обединетите нации Афродита Шаља – Плавјанска упати порака до мајките да дозволат нивните деца да се вакцинираат.
– Тоа што е предност во нашата држава е дека освен што сите овие чекори треба да се следат, и вакцината и скринингот го покрива државата. Ние имаме фонд и буџет во државата што може тоа да го поддржи, што не е случај во многу земји. Како меѓународна организација сме во контакт со наши колеги во други држави коишто се стремат да обезбедат мали количини, а интересот е голем, така што ги охрабрувам сите жени пред се, мајки, да дозволат нивните деца да се вакцинираат, затоа што кога понатаму ќе се соочат со ХПВ инфекција и евентулано понатаму уште поголема последица, тогаш сите се каат што не го сториле тоа – нагласи Шаља – Плавјанска.