Фото: Зоран Антоски

Со поставување на иконостасот и изработка на фрескоживописот, заврши изградбата на црквата „Свети Јован Крстител“ во село Видрани, Кичевско. Карактеристично е што изградбата на овој црковен храм произлезе по сон на еден од локалните жители а на оваа локација со децении на денот „Свети Јован Крстител“ се вршело примопредавање на кумството од старите на младите кумови за големиот верски празник Водици.

– Со помош на локалните верници и со божја помош, конечно ја завршивме изградбата на црквата „Свети Јован Крстител“ во нашето село Видрани. Црковниот храм е лоциран на местото каде што претходно долги години за денот „Свети Јован“ се вршеше примопредавање на крстот а сонот на еден од локланите жители беше поттик да ја почнеме изградбата на овој храм кој во текот на пролетта или летото ќе биде и осветен – вели Наќе Николоски, еден од најактивните членови на месна заедница село Видрани.

Месниот жител од кого на сон беше побарано на ова место да се изгради црковен храм е презадоволен што неговиот сон се претвори во јаве.

Фото: Зоран Антоски

– Пред повеќе години сон сонив со барање на местото каде што се вршеше примопредавање на кумството за Водици, да се изгради црковен храм кој ќе го носи името на „Свети Јован Крстител“. Иако нашето село е мало со само триесетина куќи, сепак решителноста на моите соселани беше решавачко мојот сон да се претвори во јаве и да го имаме црковниот храм со името на Свети Јован Крстител – вели еден од главните иницијатори за изградба на црквата, Стево Николоски.

Инаку, во село Видрани од порано е изграден црковниот храм „Свети Никола“ и со новиот штотуку изградениот храм „Свети Јован Крстител“ видранци ќе имаат два верски објекти.

-Иконостасот за новата црква го изработија Злате и Јане Крстески копаничари од Битола со белички корени а фрескоживописот беше дело на уметницата Елена Панзова од Скопје, исто така со кичевски корени – додаде Наќе Николоски.

Село Видрани надалеку е познато по штедроста на селските извори. З.А.