Македонија ќе ја претставуваат Младен Донковски и Стефанија Алексовска во сениорска и Александар Младеновски и Андреа Вељаноска во јуниорска конкуренција
Актуелните шампиони Младен Донковски (сениори) и Александар Младеновски (јуниори) од КК Макпетрол во машка, како и шампионките на Македонија за 2022 година, сениорката Стефанија Алексовска и јуниорката Андреа Вељаноска од Пелистер ПИН во женска конкуренција, ќе настапат на поединечниот Светски куп за сениори и за јуниори (до 23 години) во хрватскиот град Риека (кугларница „Млака“) од денеска до недела.
Кугларите ги предводи претседателот на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Игор Михајловски, кој им е и тренер на Алексовска и на Вељаноска. Денеска се играат осминафиналето и четврт-финалето кај јуниорите и кај јуниорките, утре кај сениорите и кај сениорките, а в недела се полуфиналните и финалните дуели во двете конкуренции.
– Немам посебни очекувања, оти така секогаш подобро поминувам, но сѐ зависи и од конкуренцијата што ќе настапи и од ждрепката. Убеден сум во тоа дека фаворити се тие што ќе бидат физички најподготвени, бидејќи за да се освои медал треба да одиграш четири натпревари за 28 часа, што, секако, е многу напорно. Во кугларницата „Млака“ сум играл само еднаш, и тоа пред 10 години – вели Донковски, кој во својата кариера досега двапати бил шампион на Македонија (2018 и 2022), а личниот рекорд му е 640 соборени кегли (светскиот рекорд е во сопственост на Србинот Вилмош Заварко, 771 кегла).
Хрватска ја врзуваат убави спомени за македонското куглање, оти токму во Риека, Бранко Манев (кој од 2015 година ги брани боите на хрватската репрезентација) во 2010 година стана јуниорски светски првак (бил и кадетски во Сараево во 2006 година), а Тодор Манев во 1995 година во сениорска конкуренција го освои сребрениот медал. Г.И.