„Сејачот и ѓаволот“, Албин Егер-Лиенц, 1923 год.

Некако општ впечаток во јавноста е дека „досегашните искуства во Македонија покажуваат дека луѓето што со години се наоѓаат на американската црна листа воопшто не се загрижени за тоа“!? Згора на тоа, факт е и дека тие продолжуваат со своите политички активности!? Прашањето што се наметнува во македонската јавност, како и очекувањата на повеќето граѓани во оваа држава, е како ваквите црни листи, било да се од САД или од Европа, да имаат вистински ефект во отстранувањето на корумпираните лица од македонската политичка сцена, а корупцијата како дезавуирачки општествен феномен да се елиминира и кај граѓаните да предизвикува одбивност дури и при нејзиното споменување…

По повикот на САД до Европа за заеднички удар на корупцијата во земјите од Западен Балкан

САД го засилуваат притисокот врз земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, што побрзо да се ослободат од корумпираните политичари и кон негативниот општествен феномен – корупцијата – која целосно го парализира општествениот напредок, да покажат решителна борба.
Она што официјален Вашингтон го демонстрираше неодамна во Македонија испраќајќи тим истражители за справување со корупцијата, како и најавите дека наскоро ќе бидат објавени неколку црни листи на кои ќе се најдат имињата на повеќе корумпирани лица, сега се дополнува со американски динамизиран пресинг и врз самата Европска Унија и таа да излезе со своја црна листа на корумпирани лица од регионот.
Повеќе од јасно е дека САД овој пат се решени да одат докрај и затоа побараа и од Брисел заеднички да дејствуваат во разобличувањето на луѓето што со години се на политичката сцена, постојано ги следат голем број коруптивни афери и не само што минуваат неказнето туку и натаму остануваат на високи раководни функции оневозможувајќи секаков обид за вистинска борба со корупцијата.
– Повеќе од што било во регионот, повеќе од каква било етничка тензија, корупцијата е основен проблем во многу од државите. Одговор на тоа е процесот на пристапување. Поглавјата 23 и 24 за владеење на правото, транспарентност во судските постапки, отстранување на политичкото мешање во полицијата и во судот, навистина се важни. Но, во меѓувреме, мора да бидеме многу јасни за тоа кој го предизвикува ова и треба да наметнеме последици – рече Габриел Ескобар, заменик-помошник на државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија, на панел за регионот во Вашингтон во организација на економскиот форум Делфи.
Според него, корупцијата е главен проблем во земјите од Западен Балкан поради што САД воведуваат голем број санкции за корумпирани актери, истовремено охрабрувајќи ја и Европа да го направи истото тоа.
– Луѓето реагираат на нив и тие се многу ефективни – истакна Ескобар.

Црните листи се добар импулс и притисок, но круцијално е реализирање длабоки реформи во правосудството

Некако општ впечаток во јавноста постои дека „досегашните искуства во Македонија покажуваат дека луѓето што со години се наоѓаат на американската црна листа воопшто не се загрижени за тоа“!? Згора на тоа, факт е и дека тие продолжуваат со своите политички активности!? Прашањето што се наметнува во македонската јавност, како и очекувањата на повеќето граѓани во оваа држава, е како ваквите црни листи, било да се од САД или од Европа, да имаат вистински ефект во отстранувањето на корумпираните лица од македонската политичка сцена, а корупцијата како дезавуирачки општествен феномен да се елиминира и кај граѓаните да предизвикува одбивност дури и при нејзиното споменување…
– И досега беа објавувани црни листи, па никому овде влакно не му фалеше од глава. Едноставно воопшто не обраќаа внимание на нив. Најавите на Ескобар за црните листи, како и неговиот апел и Европа до донесе свои црни листи, според мене, не е решение и не е правна разврска на проблемите што ги имаме со корупцијата. Тоа може да биде некаков импулс или притисок, но не е решение со кое ќе се искорени корупцијата и конечно ќе се расчисти со оваа негативна општествена појава – смета адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, со корупцијата може ефективно и круцијално да се расчисти така што ќе има неселективни судски процеси, конфискација на пари и имоти на оние што ги стекнале нелегално.
– Мојот став е дека црните листи немаат пресудна улога, туку е потребно да има судски процеси против сите оние што била фатени во разни коруптивни дејанија, без разлика дали се на власт или во опозиција. Не смее да има селективност. Кога така ќе се постапува и кога ќе се одзема нелегално стекнатиот имот, а тие кај кои ќе биде утврдена вина ќе заработат и затворски казни, тогаш многумина ќе се запрашаат дали воопшто вреди да се впуштаат во какви било коруптивни авантури – прецизира Давидовиќ.
Смета дека за да се случи вакво нешто кај нас, потребни се сеопфатни судски реформи што ќе го исчистат целиот правосуден систем од луѓе што потпаднале под разни политички влијанија.
– Потребни се длабински судски реформи и во Обвинителство и во судот, за да прекине праксата политичарите да бидат недопирливи и неказниви. Сметам дека тоа е вистинското решение, додека црните листи нема да имаат сериозен ефект – констатира адвокатот Давидовиќ, притоа додавајќи дека треба да постои внатрешна желба за вистинска борба со корупцијата, а не само да се даваат декларативни изјави.

Црните листи да станат општоприфатен, меѓународен антикорупциски механизам

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека притисокот што САД го прават со црните листи има ефект само кај оние политички актери и функционери на кои им е важно американското мислење.
– Тоа зависи дали политичарите што се наоѓаат на црната листа припаѓаат на политичка средина на која ѝ е важно американското мислење. На пример, ако некој албански политичар од Македонија се најде на црната листа, со тоа неговата политичка кариера е завршена. А некаде каде што некој политичар ќе се најде на црната листа, на пример како Шешељ во Србија, едноставно му е гајле за тоа и ништо не губи бидејќи неговиот политички хабитус не зависи од мислењето на САД – вели Арсовски.
Според него, ова е главната причина зошто САД сега бараат овие листи на некој начин да станат меѓународен механизам.
– САД ја притискаат и Европа да воведе вакви црни листи за да можат поуниверзално да ги казнат или барем да ги обележат политичарите што го прекршуваат законот Магнитски по кој ги ставаат на црна листа. Тоа е намерата, заеднички да ги означат корумпираните – заклучува Арсовски.
За првата антикорупционерка во државата, Билјана Ивановска, ваквите црни листи можеби ќе бидат добра основа за нешто понатаму да се преземе во борбата со корупцијата.
– Секако дека тие црни листи ќе имаат влијание врз јавното мислење, на јавната перцепција, можеби ќе придонесат да се обелоденуваат некакви работи – кратко прокоментира Ивановска, напомнувајќи дека целата работа со црните листи и критериумите врз кои се изработуваат се малку познати и затоа во овој момент тешко е да се дава оцена за нивните ефекти.