Според новиот концепт би имало отворена европска суперлига, во формат со повеќе дивизии, а на тимовите би им се гарантирале најмалку 14 меча по сезона. „Основите на европскиот фудбал се во опасност да пропаднат. Време е за промена. Нашиот дијалог беше отворен, искрен, конструктивен и резултира со јасни идеи за тоа какви промени се потребни и како тие би можеле да се спроведат. Има многу да се направи и ќе продолжиме со нашиот дијалог“, напиша Бернд Рајхарт, извршниот директор на „А22“

ФУДБАЛ

Европската суперлига со нов изглед ќе се заснова на спортски перформанси, без постојани членови, изјави извршниот директор на „А22“, Бернд Рајхарт, за германскиот весник „Ди велт“, пренесе британски „Скај спорт“. На тимовите би им се гарантирале најмалку 14 натпревари по сезона. Нов изглед, отворена европска суперлига би можела да содржи од 60 до 80 клуба во формат со повеќе дивизии, изјави извршниот директор на натпреварувањето.
„А22“, компанија формирана да помогне во создавањето на суперлигата, се консултира со речиси 50 европски клуба од октомври минатата година и разви 10 принципи врз основа на тие консултации, кои ги поткрепуваат нејзините планови за лига со нов изглед.
Рајхарт напиша: „Основите на европскиот фудбал се во опасност да пропаднат. Време е за промена. Клубовите се тие што го носат претприемачкиот ризик во фудбалот. Но кога се во прашање важни одлуки, тие се премногу често принудени да седат со скрстени раце на страна додека спортските и финансиските основи се распаѓаат околу нив. Нашите разговори, исто така, јасно покажаа дека на клубовите често им е невозможно јавно да зборуваат против системот, кој користи закана со санкции за да го спречи противењето. Нашиот дијалог беше отворен, искрен, конструктивен и резултира со јасни идеи за тоа какви промени се потребни и како тие би можеле да се спроведат. Има многу да се направи и ќе продолжиме со нашиот дијалог“.
„А22“ го оспори правото на Европската фудбалска унија (УЕФА) и на Светската фудбалска федерација (ФИФА) да го блокираат формирањето суперлига и санкционирање на конкурентските клубови, тврдејќи дека раководните тела ја злоупотребуваат доминантната позиција според законот на ЕУ за натпреварување, пишува „Скај спорт“. Европскиот суд на правдата треба да ја донесе својата конечна одлука за случајот подоцна годинава, но необврзувачкото мислење дадено од генералниот правобранител во случајот, во декември, вели дека правилата што им дозволуваат на УЕФА и на ФИФА да го блокираат формирањето на нови натпреварувања се компатибилни со правото на ЕУ.

Рајхарт рече дека новата суперлига ќе биде отворено натпреварување, со квалификации преку настап на национално ниво и со сите нејзини тимови што ќе се натпреваруваат во нивните домашни лиги. Тие национални лиги ќе останат „темелот“ на играта, рече Рајхарт, и тврди дека новата суперлига ќе генерира нови приходи за поддршка на целата пирамида, пишува „Скај спорт“.
Гаранцијата за најмалку 14 натпревари, вели Рајхарт, ќе обезбеди „стабилност и предвидливост“ на приходите. Рајхарт постави планови за мерки за контрола на трошоците, велејќи дека клубовите треба да трошат само фиксен процент од нивните годишни приходи поврзани со фудбалот за плати на играчите и за нето-трансфери.
– Клупските трошоци мора да се засноваат исклучиво на генерираните средства, а не на конкурентско-нарушувачки капитални инјекции – напиша тој, пренесе „Скај спорт“.
Во октомври лани, Рајхарт откри дека европската суперлига со нов изглед би можела да биде во функција до сезоната 2024/2025, пишува „Скај спорт“. Европската суперлига првично беше лансирана во април 2021 година со 12 основачки членови, Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид, кои постојано ќе учествуваа во натпреварувањето. Планот брзо пропадна откако шесте премиерлигашки клуба се повлекоа пред критиките од поддржувачите, експертите, клубовите и медиумите, а Јувентус, Барселона и Реал Мадрид остануваат посветени на концептот, пишува „Скај спорт“.

Во минатата година, УЕФА одобри промени во Лигата на шампионите што значи дека бројот на тимови во групната фаза ќе се зголеми од 32 на 36 од сезоната 2024/2025. Новиот формат ќе има почетна фаза од една лига со сите тимови, секој од нив ќе одигра осум натпревари во групната фаза против различни противници, по четири дома и на гости, по што најдобрите осум ќе играат во осминафиналето, а оние од деветтото до 24-то место ќе играат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри. УЕФА соопшти дека „слични промени во форматот ќе бидат применети и во Лига Европа (осум натпревари во првата фаза) и во Конференциската лига (шест натпревари) и двете ќе вклучуваат по 36 екипи во лигашката фаза, пишува „Би-би-си“. Н.М.