За македонскиот јазик и за новиот предлог на Законот за македонскиот јазик

Наместо да се донесе најнапред Национална стратегија за македонскиот јазик, или национална стратегија за статусот и употребата на македонскиот јазик како државен јазик и на другите јазици во Републиката, се носи само нов Закон за употребата на македонскиот јазик

Статусот на македонскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава е утврден со Уставот на Република Македонија уште во македонската република во составот на некогашна Југославија по Втората светска војна. Овој статус на македонскиот јазик како службен на целата територија на Република Македонија, од што произлегува неговата улога на интегративен фактор на општеството и должност на сите институции, но и граѓани на Републиката, да го учат, познаваат и да го употребуваат македонскиот јазик во службената комуникација, беше потврден и со Уставот на независна Република Македонија, а подоцна и со амандманите произлезени од Охридскиот рамковен договор 2001.
Од 1998 година постои и Совет за употребата на македонскиот јазик при Министерството за култура на Република Македонија.
Во 2008 година е донесен Закон за употреба на јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението.
Во јануари 2019 е донесен нов Закон за јазиците (објавен во „Службен весник“ без потпис на претседателот на државата) и со него, во членот 1, алинеја 2 е утврдено дека „друг јазик што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.
Во продолжение на овој Закон за јазиците, во фокусот е всушност употребата на тој јазик во заградата, албанскиот јазик. И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик, со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Дури и постоењето на едно лице кое го зборува албанскиот јазик е доволно за да може и да мора службено да се употребува албанскиот јазик во сите органи на власта, законодавни, извршни и судски. Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители.

Тоа упатува на заклучокот дека со Законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците по однос на македонскиот јазик како службен државен јазик (на територијата на целата држава). Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката.
Македонскиот јазик, со Законот за јазиците е маргинализиран, до толку повеќе што и Инспекторатот и Агенцијата имаат првенствено функција да ја спроведуваат и да ја штитат употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и во сите институции во државата, а не да се грижат за македонскиот јазик кој нема ограничувања, според Уставот за да биде употребуван во државата, индивидуално и институционално.
Називот на овој Закон за јазиците е несоодветен на неговата содржина. Поради тоа, се наметнува потребата, во новонастанатите околности, да се донесат нови законски акти за употребата на македонскиот јазик, не само измени и дополнувања на постојниот од 1998, туку и нов Закон за употребата на македонскиот јазик.
Со новиот нацрт/предлог Закон за употребата на македонскиот јазик од 2022, како што е наведено и во самиот уводен текст, „ќе се прошират областите во кои задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик, ќе се даде основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик“.
На тој начин, наместо да се донесе најнапред Национална стратегија за македонскиот јазик, или национална стратегија за статусот и употребата на македонскиот јазик како државен јазик и на другите јазици во Републиката, се носи само нов Закон за употребата на македонскиот јазик.
Повеќе предложени законски решенија го ставаат македонскиот јазик во несоодветна позиција. На пример, со овој нов Закон се предвидува – за вршење инспекциски надзор над примената на Законот – да се основа Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, за разлика од Инспекторатот предвиден со Законот за употребата на јазиците кој е орган на Министерството за правда. Веќе со оваа законска мерка се гледа дека Инспекторатот и Агенцијата предвидени со Законот за јазиците се однесуваат на албанскиот јазик, а не и на македонскиот. Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус/ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.

Со предлог-законот за македонскиот јазик всушност се истакнуваат основните јазични политики, а не и законски мерки кои ќе го штитат стекнатиот статус на македонскиот јазик како примарен во службената и во јавната комуникација на територијата на целата држава и за сите граѓани. Се зборува општо за „Подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; Афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација; Почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока; Афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети“.
Исто така, Со овој закон, соодветно на членот 56 од Уставот на Република Македонија, посебно е нагласена посебната заштита на јазикот како духовно (нематеријално) културно богатство (разработена во Законот за заштита на културното наследство). Тука се пројавува грижа за наследените фолклорни добра и за употребата на македонските топоними, за коишто знаеме каков штетен закон е донесен во 2004 година од македонското Собрание, кога топонимите, наместо да се транслитерираат или писмено да се пишуваат на друго писмо идентично, буква по буква, на оригиналот, де факто се преведоа (транслација) на албански јазик, што е флагрантен упад во фактичката состојба и во јазичното културно наследство на македонскиот народ, го сочинуваат јазикот и издвоено топонимите, како особено значаен сегмент од јазикот.
Основен впечаток е дека и со овој нов Закон за употребата на македонскиот јазик, се зголемуваат конфузијата и противречностите поттикнати со Законот за јазиците од 2019. Дури и со самиот Закон за јазиците, јасно е дека се подвлекува разликата во уставно предвидениот статус на македонскиот и другите јазици во Републиката. За да се избегнат конкретни колизии на двата закона во практиката, неопходно е да се направи:

  • Споредбена анализа на постојните законски акти кои се однесуваат на употребата на јазиците, за да се покаже проблематичноста (институционална, финансиска, комуникациска), ако не и апсурдноста на двозаконието.
  •  Усогласување на законските акти со уставните, меѓусебна регулација и почитување на стекнатиот статус на македонскиот јазик;
  •  Испитување на опцијата да се донесе единствен Закон за македонскиот јазик како службен/државен јазик и другите јазици како службени на регионално и локално рамниште, во склад со Конвенцијата на ЕУ за регионални и малцински јазици.
  •  Советот за македонскиот јазик може и понатаму да се занимава со јазичните политики за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, но не е замена за Инспекторат и Агенција за македонскиот јазик и за јазикот на другите јазични заедници во Република Македонија.
  •  Ако се залагаме стратешки за европските вредности, тогаш да ги примениме европските методи, политики, закони и практики во јазичната сфера и во нашата Република, а не да создаваме дополнително јазична сегментација и гетоизација.

Уште во 2018 истакнав дека:

т.н. Закон за јазиците:

  •  излегува од рамките на Уставот на РМ, па и на Охридскиот рамковен договор и не е во согласност со идентитетската карта на нашата држава во ОН;
    u проблематичен е начинот на неговото предлагање и на постапката на неговото усвојување;
  •  не ги почитува европските регулативи за регионални и малцински јазици;
  •  излегува од рамките на меѓународно предвидените стандарди за јазичните права на малите заедници кои ја исклучуваат опцијата на изедначување на службениот карактер на еден малцински, локален и регионален јазик со службениот карактер на државниот јазик;
  •  не е усогласен со постојниот Закон за македонскиот јазик од 1998;
  •  има проблематичен опсег на овластувања;
  •  ја загрозува функционалноста на државните установи, особено во делокругот на судството, централната власт, органите за безбедност и во меѓународната комуникација и легитимација на државата;
    u институционално ја деградира уставната позиција на македонскиот јазик како државен јазик задолжителен за сите граѓани на Македонија, а со тоа и неговата улога на кохезивен чинител на државата и на општеството, за што се залага во своите ставови и МАНУ;
  •  ги проблематизира унитарниот карактер на државата и функционалноста на државните институции;
    u воведува непримерен систем на казнување и инкриминирање (Инспекторат при Министерството за правда, драконски казни и др.);
  •  апсурдно го претпочита (и го надредува до степен на вето) јазичното право на граѓанинот кој зборува јазик на една малцинска јазична заедница, со што ги деградира стекнатите и уставно легитимни права на македонските граѓани по однос на уставно загарантираната употреба на македонскиот јазик како државен јазик и на неговото кирилско писмо во сите службени и работни околности;
  •  промовира ексклузивна бинационалност во функционирањето и во претставувањето на државата;
  •  го игнорира фактот дека со Законот за јазикот што го говорат 20 отсто од 2008 година веќе се регулирани, дури и повеќе од оптимално, јазичните права и обврски на граѓаните и јазичните заедници во државава…

Автор: Катица Ќулавкова