Изминатава седмица лидерот на најголемата грчка опозициска партија поднесе барање за недоверба на владата по низата нови и дополнителни информации дека „новинари и политичари биле цел на шпионски софтвер и/или биле под мерката надзор и следење на комуникациите“. Скандалот воопшто не е нов, меѓутоа деновиве тој пак се разгоре, кога во јавноста протекоа свежи и сензитивни информации од прислушувања на јавни личности од страна на државниот безбедносен апарат

Шпионските игри во соседна Грција не престануваат

Шпионската афера на прислушување во Грција започна во март минатата година, кога групата за дигитални права „Ситизен лаб“му достави информација на новинарот Танасис Кукакис дека неговиот телефон бил под надзор десет недели од моќниот шпионски софтвер наречен „Предатор“.
Четири месеци подоцна се покажа дека Никос Андролакис, лидерот на опозициската партија Пасок-Кинал, исто така бил цел на истиот шпионски софтвер.
Речиси една година по избувнувањето на оваа афера, деновиве граѓаните во Грција сè уште го чекаат исходот од тековните судски истраги за „постоење основи на сомневање за прислушување, но од друга страна и на преземените обврски на државата за „подобрување на заштитните мерки за правото на приватност“.
По откривањето дека телефонот на новинарот Танасис Кукакис бил следен од шпионски софтвер, откриено е дека „тој бил прислушуван и од Националната разузнавачка служба“. Во меѓувреме, владата призна дека Андрулакис бил ставен под, како што тврдеа, легален државен надзор – но тие негираа дека го користеле разузнавачкиот софтвер „Предатор“?!
Од април 2022 година, властите во Грција презеле најмалку три кривични истраги за употреба на шпионски софтвер. Третата истрага започна откако грчкиот весник „Документо“ објави список на, како што се наведува, „поединци од висок профил“, кои наводно биле под државен надзор или биле цел на „Предатор“.
Во декември 2022 година, во јавноста исто така беше проследена информацијата дека „истражувачкиот новинар Тасос Телоглу, кој води истрага за употреба на шпионски софтвер во Грција, исто така бил под државен надзор од непознати причини за национална безбедност“!

Следени комуникациите на владин министер и на началникот на
вооружените сили

Во парламентарната дебата оваа недела, Алексис Ципрас, лидерот на главната опозициска партија Сириза, ги откри имињата на некои лица што се под државен надзор, наведени во извештајот на тамошното тело за телекомуникации. На списокот беа вклучени владин министер и началникот на вооружените сили.
И покрај безбројните обвинувања и незадоволството во јавноста, грчката влада продолжи да негира дека некогаш купила или користела шпионски софтвер „Предатор“.
Сепак, во декември 2022 година, „Њујорк тајмс“ откри дека грчката влада ѝ дала дозволи за извоз на „Предатор“ на „Интеллекса“, компанија за трговија со безбедносни софтвери. Грчките медиуми објавија и за наводни врски меѓу државните функционери и компаниите вклучени во оптек на „Предатор“.

Прислушувањето – застрашувачки ефект врз граѓанското општество во целина

Овие „шпионски зафати на државата“ имаа застрашувачки ефект не само врз новинарите поединечно туку и врз граѓанското општество како целина. Активистите и персоналот на невладините организации работат со постојан страв дека се шпионирани, следени и прислушувани. Кукакис изјави за „Амнести интернешнал“ дека сега се среќава лично само со мал број одредени извори и чувствува дека „не може безбедно да комуницира на својот телефон“.
Минатиот ноември, под зголемен притисок, владата најави дека ќе воведе закон со кој „ќе се забрани продажбата на шпионски софтвер“.
Сепак, нацрт-законот за надзор, усвоен минатиот декември, ја легализира набавката на технологијата за надзор од страна на властите, овозможувајќи да се преземат идентични чекори (читај: злоупотреба), што беше и суштината на минатогодишниот скандал со нелегалниот надзор, следење и прислушување.
Законот, кој беше силно критикуван од граѓанското општество, опозициските партии и независните административни органи, не обезбеди ефикасен правен лек за поединци што се подложени на „специјален надзор поради национална безбедност“.
Според законската регулатива, поединецот треба да чека три години за да дознае дали бил предмет на надзор (прислушување или следење), а може да биде известен само за конкретните мерки што се користат и колку долго биле насочени. Не може да им се каже причината „зошто биле ставени под надзор“?!

На новиот закон му недостига непристрасност!

Според анализите на експертите, на новиот закон, исто така, целосно му недостига непристрасност. Имено, двајца од тројцата членови на комисијата задолжени да одлучат дали ќе биде информиран субјектот што бил под надзор, сè уште работат кај органите на прогонот што „на прво место сами го одобриле следењето на комуникациите“?!
На почетокот на јануари, во мислењето од обвинителот на Врховниот суд на Грција се заклучи дека „телекомуникацискиот надзор на земјата не може да ги истражува давателите на мобилни телефони откако поединци побарале да откријат дали биле прислушувани од причини за национална безбедност“ и предупреди дека „таквите истраги може да привлечат кривични санкции“! Споменатото мислење од обвинителот на Врховниот суд на Грција, кое се чинеше дека „има цел да го поткопа независниот надзор над државниот надзор“, беше критикувано од уставните експерти и опозициските партии!
За издвојување е дека во ноември 2022 година, комитетот Пегазус (Пега), кој беше формиран истата година за да ја испита злоупотребата на шпионски софтвер од владите на ЕУ, ја посети Грција за директно да ја доистражи аферата, а известувачот на телото, Софи ин’т Велд, директно ги повика грчките власти „да обезбедат јасност за употребата на шпионски софтвер пред годинешните избори“.
На 24 јануари, комитетот Пега претстави нацрт-препораки во кои се изразува сериозна загриженост за „фундаменталните напади врз демократијата однатре во ЕУ“.

Грција итно да ги врати и зајакне мерките на правната држава и владеењето на правото

Препораките, за кои се очекува да се гласа во април, вклучуваат специфични препораки за Грција, нешто слично како и за Полска, Унгарија, Шпанија и Кипар. Комитетот ја повика Грција итно да ги врати и зајакне правните заштитни мерки во контекст на шпионскиот софтвер и да се погрижи властите слободно да ги истражат сите наводи за неговата (зло)употреба.
Исто така, во контекст на проектот Пегазус, кој откри дека шпионски софтвер бил користен за целење, следење и прислушување новинари, бранители на човековите права и политичари низ светот, „постои итна потреба за меѓународен мораториум за развој, употреба, пренос и продажба на технологии за шпионски софтвер“, односно има потреба за регулирање и форматирање „глобална правна рамка за спречување на овие злоупотреби“.
Скандалот со злоупотребата на државниот надзор (следење, прислушување), од страна на Грција, јасно создаде уште една слика за кревкоста на правата на приватност и слободата на изразување.
Нели јавноста беше убедувана дека Грција, како колепка на демократијата, е една од највисокоразвиените демократии во ЕУ, а за регионот воопшто не треба ниту да споменуваме?! Излегува сосема нешто различно!
Гласањето за предлогот за недоверба на Владата на Р Грција треба да е веќе завршено вчера, до 24 часот (петок, 27 јануари), по тридневна дебата.
Не се очекува дека ќе падне Владата, меѓутоа „ударните бранови на овој скандал ќе се чувствуваат уште многу долго, фрлајќи длабока сенка дека во лулката на демократијата сѐ се одвива демократски и по словото на законот“. Грција сѐ уште е далеку од тоа.