Храната е многу важен фактор во процесот на стареење. За да го забавите биолошкиот часовник, размислете што има на вашето мени

Шеќери

Големи количества шеќер може да предизвикаат непожелен хемиски процес во телото. Кога јадете повеќе шеќер отколку што можат да обработат вашите клетки, вишокот се врзува за протеините во процес наречен гликозилација.
Производите на гликозилација може да доведат до оштетување на колагенот – протеинот што ѝ дава на вашата кожа младешки изглед. Големите количества слатки негативно влијаат на вашите заби и насмевка бидејќи шеќерот се лепи за забите и привлекува бактерии, предизвикувајќи распаѓање.

Многу солена храна

Ако внимавате на количеството сол во приготвувањето на храната, тоа не гарантира дека внесувањето сол автоматски е ниско. Обрнете внимание на храната што е посолена отколку што мислите или посолена отколку што можете да вкусите. Американскиот центар за контрола на болести издвои неколку намирници што се како „складишта на сол“.
Печивата може да содржат до 230 милиграми кујнска сол. Едно парче пица содржи до 760 мг, а чинија супа со тестенини од коцка до 940 мг сол. Месните производи, вклучувајќи и филети и пилешки медалјони, исто така се преполни со сол. Ладните сендвичи со месо, сирење и сосови се вистински солени бомби и содржат дури 1.500 милиграми сол.
Храната што е богата со сол предизвикува задржување течности во телото и надуеност.

Кафе

Најчестиот стимулативен пијалак е штетен за вашата кожа и заби поради високото ниво на киселост. Киселите пијалаци можат да создадат микроскопски пори на површината на глеѓта и да доведат до нејзина ерозија.
Пожелно е да се пие чаша вода со кафето или потоа, бидејќи водата има неутрална пеха-вредност, па ја измива киселината. Гумите за џвакање, исто така, може да ги намалат ерозијата на глеѓта и боењето на забите со стимулирање на производството на плунка, која ги ревитализира забите и помага во заштитата на глеѓта.

Алкохолни пијалаци

Останете подалеку од алкохолот бидејќи му штети на вашето целокупно здравје. Тој е особено штетен за црниот дроб, а индиректно ја уништува кожата.
Една од важните функции на црниот дроб е да ги исфрли токсините, кои може негативно да влијаат на здравјето и на предвременото стареење. Ако функцијата на црниот дроб е ослабена, токсините се акумулираат во телото и вашата кожа може да развие голем број проблеми како што се акни и брчки. Освен што алкохолот го оштетува црниот дроб, белото вино има изненадувачки лош ефект врз забите. Киселината што ја содржи ја оштетува глеѓта и ги прави вашите заби посклони кон долготрајни дамки. Освен тоа, алкохолот дехидрира и штетно влијае на сонот, што е поврзано со забрзано стареење.