Според најновите пресметки на Народната банка, цената на становите во Македонија се зголемила за 20,6 отсто, што е повеќе од растот на инфлацијата минатата година, која заврши на ниво од 14 отсто. Сите досегашни статистики покажуваат дека македонскиот граѓанин, во споредба со жителите во другите земји, мора макотрпно да работи и да штеди најмногу години за да се стекне со сопствен стан
Купувањето сопствен дом станува невозможна мисија
Празни и непродадени станови и превисоки цени за еден метар станбен простор! Вака може да се опише моменталната состојба на пазарот за недвижности за домување во Македонија. Отсекогаш купувањето сопствен покрив над главата за секое просечно македонско семејство било тешко остварлив сон. Сите досегашни статистики покажувале дека македонскиот граѓанин, во споредба со жителите во другите земји, мора да работи најмногу години за да може со својата ниска просечна плата да се стекне со сопствен стан. Според податоците на агенциите за недвижности, цените на становите се движат од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар во центарот и околу центарот на Скопје. Под илјада евра за квадрат може да се најде само за стари станови во приградски населби. Од минатата година, купувањето стан станува уште потешко ако се има предвид вртоглавиот скок на цените за станбен простор во новоградба, кои го надминаа и годишниот раст на инфлацијата минатата година, која заврши на ниво од 14 отсто. Народната банка на Македонија деновиве излезе со „загрижувачка“ статистика за движењето на цените на становите во последниот квартал од 2022 година. Според пресметката на НБМ, становите во Македонија се зголемиле за 20,6 отсто. Во третиот квартал растот бил 21,2 отсто, во вториот 16,5 отсто, а во првото тримесечје растот изнесувал 12,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. Во последниот квартал од 2021 година бил регистриран двоцифрен раст на цените на станбениот квадрат.
Според податоците од пописот, повеќе од една третина од вкупно попишаните 839.174 стана се празни. Во 531.987 стана се живее, а другите 36,6 отсто или 307.187 стана се празни. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан. Во Агенцијата за катастар на недвижности, во извештајот за минатата година е регистрирано зголемување во бројот на регистрирани купопродажби во споредба со истиот период лани. Односно, од јануари до март 2022 година се впишани вкупно 5.919 купопродажби, додека во истиот период од 2021 година имало 4.766.
Градежните компании што се вклучени во изградбата на згради за домување високите цени на становите ги правдаат со „енормниот“ раст на цените на градежните материјали и на електричната енергија. Како фактор за скапиот станбен квадрат го споменуваат и зголемувањето на комуналните такси за 40 отсто! Но за разлика од Македонија, во земјите од регионот и во Европа во последните месеци од лани има извесно „стабилизирање“ на цените на недвижностите, поради намалената побарувачка за станови предизвикана од високата инфлација, која е за неколку проценти пониска од таа во Македонија!
Поголемата побарувачка за станови во земјата се објаснува со фактот што многу граѓани од внатрешноста сакаат да имаат сопствен стан во Скопје. Поголемиот дел од купувачите се млади лица, кои многу порано почнуваат да заработуваат, со тоа што заминуваат во странство или, пак, работат за некои странски компании во земјата. Ова, пред сѐ, се однесува за вработените во ИТ-индустријата, кои имаат и повисоки плати во однос на македонскиот просек.
Од Градежната комора при Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат стабилизација на цените на становите, но тие би биле од 20 до 25 проценти поскапи од оние цени пред пандемијата. Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, вели дека 2022 година била со слаб интензитет на градежни активности, мал број нови постапки за доделување договори за јавни набавки, голем број поништени тендери, а со тоа и изгубена можност за реализација.
– Отсуството на мерки за поддршка на градежниот сектор негативно се одрази врз работењето на градежните компании, но и врз вработените, чија бројка во секторот значително се намали. Успех за нас е самото тоа што во вакви услови компаниите сè уште се присутни на пазарот, обидувајќи се да ја одржат ликвидноста и да ги задржат вработените, а тоа исклучиво како резултат на нивното знаење што ги прави отпорни и подготвени да опстанат во најтешките години како оваа што измина – изјави Серафимовски.
Дали цените на становите во земјава ќе растат и годинава ќе зависи од побарувачката и од односот на сопствениците на градежни парцели и на инвеститорите. Во Скопје, дополнително на цената на квадратот ќе влијае и намалувањето на атрактивни локации за градење.
– Очекуваме цените да бидат одраз на пазарот и да се стабилизираат, но на повисоко ниво од она што го имавме пред пандемијата, за околу 20 отсто. Цените на градежните материјали веќе се стабилизирани, но затоа повисоки се трошоците за комуналиите за околу 50 отсто. Тоа влијае на цената на становите. Дополнително, имаме висока побарувачка, а намалена понуда на квалитетни станови. Некои инвеститори, кои немаат ништо со градежништвото, сакаат да профитираат и затоа се нудат екстремно високи цени – вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво на Стопанската комора.
Според Никола Велковски, кој е и поранешен градски архитект на Скопје, градежниците веќе немаат оправдување да ја зголемуваат цената како резултат на високите цени на струјата и на градежните материјали. Инфлацијата, а со тоа и растот на цените на градежните материјали имаат силно влијание врз пазарот на недвижности, сметаат од групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија. Фактот што голем дел од Европа и од светот веќе бележи стагнација на цените на недвижностите, од таму го објаснуваат со големината на нашиот пазар, кој е мал, затворен и побавно ги следи светските трендови, но промените ги очекуваат веќе во текот на годинава. М.Ј.