Индексот на криминал се мери според законите на земјите. Има дејства што се сметаат за кривични дела во некои држави, а не се сметаат за кривични дела во други земји, што дава вистинска слика за стапката на криминал во земјите, според законите што важат во секоја земја

Според индексот на криминал објавен од светската база на податоци „Намбио“, Катар сѐ уште е на врвот на листата на најбезбедни земји и земји со најмалку криминал, меѓу дури 142 земји вклучени во евалуацијата. Катар е на врвот на листата веќе пет години, откако Јапонија накратко го презеде првото место во 2018 година.
Врз основа на степенот на безбедност, Катар е на прво место со 85,2 поени од максимални 100 поени, јавуваат катарските медиуми.

Индексот на криминал во Катар е 14,8

Според новото рангирање, индексот на криминал во Катар е 14,8. Меѓу првите десет најбезбедни земји, заедно со Катар, се и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Тајван, Оман, Хонгконг, Јапонија, Швајцарија… На врвот се и Словенија, Хрватска, Саудиска Арабија, Монако, Исланд…
Од друга страна, Венецуела остана најнебезбедна земја во светот, со највисок индекс на криминал од 82,6 и најнизок измерен индекс на безбедност од 17,4. Папуа Нова Гвинеја, Авганистан, Јужна Африка, Хондурас, Тринидад и Тобаго, Гвајана, Сирија, Сомалија и Јамајка се на листата на првите десет најмалку безбедни земји, според „Намбио“.
Во меѓувреме, Абу Даби е најбезбедниот град во светот. На второ место е Доха, главниот град на Катар. Абу Даби има низок индекс на криминал од 11,2 и индекс на безбедност од дури 88,8.
Во Доха индексот на криминал е 14,5, а индексот на безбедност 85,5. Градовите на ОАЕ, Ајман, Шарџа и Дубаи, се рангирани на четврто, петто и седмо место. Тајванскиот Тајпеј е трет. Канадскиот Квебек е шести. Сан Себастијан (Шпанија), Берн (Швајцарија) и Ескишехир (Турција) се меѓу десетте најбезбедни градови.

Светското првенство најбезбеден настан досега

Интернет-страницата „Намбио“ од 2009 година ги објавува своите извештаи врз основа на мерење на стапката на криминал во светот. Индексот на криминал се мери според законите на земјите. Има дејства што се сметаат за кривични дела во некои држави, а не се сметаат за кривични дела во други земји, што дава вистинска слика за стапката на криминал во земјите, според законите што важат во секоја земја.
„Намбио“ е една од најголемите и најпознати бази на податоци на интернет во светот, која се занимава со процена на нивото на криминал и нивото на безбедност во земјите во светот преку мерење на стапката на криминал, на убиства, грабежи, разбојништва, силување и друго.
Светското првенство во Катар 2022, исто така, се покажа како најбезбедниот настан од ваков вид досега, без некои поголеми или безбедносно-нарушувачки криминални дејства, велат претставниците на безбедносните органи, односно Министерството за внатрешни работи на државата Катар и Комитетот за безбедносните операции на Светското првенство во фудбал, пренесува „Пенинсула Катар“.