Бугарија нема посебни барања во текот на билатералниот скрининг, но Македонија како кандидат за членство ќе мора да ја консултира во текот на креирањето на акцискиот план за малцинства.
Ова го најави вицепремиерот за европски прашања и преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ.
– Бугарија нема истакнато никакво посебно барање во текот на билатералниот скрининг. А ние во текот на креирањето на акцискиот план за малцинства – тој секако ќе биде консултиран со државите членки на Европската Унија бидејќи ќе треба како комплет документи да отидат на усвојување во Советот на ЕУ – рече Маричиќ.
Скринингот е во напредна фаза, а од следната недела ќе почнат билатерални состаноци за три поглавја: право на трговски друштва, право на основање и слобода на давање услуги и право на интелектуална сопственост, кои се дел од кластерот внатрешен пазар.
– Оценките ќе ги добиеме во скрининг-извештаите што ќе ги изработи ЕУ и ќе бараме да ни ги достават до почетокот на пролетта бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовка на клучните три документи за членство ЕУ: патоказот за владеење на правото, патоказот за реформа во јавната администрација и патоказ за функционирање демократски институции, кои се услови за отворање на првиот кластер. Дополнително, во рамките на патоказот за владеење на правото, ќе треба да се направат и акциски планови за заштита на правата на малцинствата и заедниците со конкретни мерки за недискриминација, борба против говорот на омраза и право на образование. Овие мерки не се ексклузивни само за нас – додаде Маричиќ.