Играњето против кралот на фудбалот, Едсон Арантес до Насименто Пеле, претставуваше незаборавно искуство за Методија Спасовски и Кирил Дојчиновски, кои беа први македонски фудбалери што настапиле на најславниот стадион во светот, „Маракана“ во Рио де Жанеиро, за репрезентацијата на поранешна СФР Југославија во пријателски меч. На тој дуел, одигран на 17 декември 1968 година, Спасовски дебитира за националната селекција, згора и со погодок, за водство во седмата минута, на средбата што заврши со реми 3-3.
Трикратниот светски првак со репрезентацијата на Бразил, Пеле, почина вчера на 82-годишна возраст. За многумина е сметан за најдобар фудбалер на сите времиња, додека ФИФА ги прогласи него и Аргентинецот Диего Армандо Марадона за најдобри фудбалери на 20-от век.
– Се гордеам што сум играл на „Маракана“ и тоа против Бразил, за кој настапи Пеле. Тој меч и сѐ околу него се најсреќните моменти за мене во фудбалот, изјави Методија Спасовски, некогашното вардарово крило – кажа Спасовски за „Нова Македонија“ по повод педесетгодишнината од тогашниот меч.
Слични впечатоци имаше и Кирил Дојчиновски, кој почина на 10 август годинава.
– Сум играл на многу стадиони, во прекрасна атмосфера, но „Маракана“… Јас, дете од Маџир Маало, преку Вардар, Скопје и Црвена звезда и Белград, стигнав, ете, да играм против Пеле, во Рио и во Бразил. Неверојатно, прекрасно, тоа не се заборава – истакна своевремено Дојчиновски.
Спасовски не очекувал да биде во почетната постава за натпреварот во Рио де Жанеиро.
– Уште како деца слушавме за Бразил, за големите имиња и сме навивале за Бразил, но не сум помислувал дека некогаш ќе одиграм меч на „Маракана“. Кога ми соопштија, преку клубот, дека сум повикан во репрезентацијата за турнејата во Јужна Америка, бев изненаден, но многу среќен, одушевен. Си велам, ќе го видам Бразил, а ако имам можност и ќе заиграм против големите фудбалски имиња. Во Рио де Жанеиро бевме сместени во многу убав хотел на познатата плажа Копакабана. Веќе следниот ден, одиме кон стадионот, љубопитни бевме да ја видиме „Маракана“, за која дотогаш само слушавме. Само што влеговме да го видиме теренот, видовме еден огромен стадион, нешто дотогаш незамисливо. Беше возбудливо, а доживување беше само кога го видов стадионот. Потоа влегуваме во соблекувалните и чекаме да биде соопштен составот. Селектор беше Рајко Митиќ. Не очекував дека ќе бидам стартер, но одеднаш ми го прочита името. Се наежив. Не помислував дека ќе бидам во првата постава. Играв на десното крило. Со почетокот на мечот се ослободив од тремата, а таа исчезна кога го постигнав голот. По една акција од лево голманот на Бразил ја одби топката, а јас од 7-8 метри лесно реализирав (со левата нога, во долниот лев агол – н.з.) – се сеќава Спасовски.
Дојчиновски ја потврдува возбудата од еден ваков дуел.
– Бев возбуден, секако, играв против Бразил, на чело со Пеле, тогаш најдобриот светски фудбалер, за мене најдобриот на сите времиња. Но не бев премногу импресиониран, иако имав голем респект. Играв во одбраната, требаше да се одбраниме од него, но и од другите врвни бразилски фудбалери. Сите го подзагледувавме Пеле, сепак, не се игра секој ден против најдобриот светски играч, а сега ми паѓа на ум дека многу внимавав, бев претпазлив, тој или некој од неговите соиграчи да не ме издрибла, да не ми „продаде“ некоја финта. Пеле ми остави убав впечаток, беше коректен во секој поглед, таков беше и на другите натпревари на кои јас со Црвена звезда играв против него – се потсетува на мечот Дојчиновски, еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња, центархалфот на Вардар и на белградска Црвена звезда.
За време на средбата Спасовски немал директни дуели со Пеле.
– Погледнував кон Пеле, да видам како изведува одредени елементи. Генерално, одеднаш доаѓаш да играш против такви имиња, ги гледаш како играат, што прават. Бев задоволен како одиграв. По мечот разменив дрес со еден бразилски репрезентативец, но одамна го подарив – вели Спасовски.
Натпреварот се играл пред околу 100.000 гледачи.
– Прекрасен и единствен амбиент. На трибините најинтересна беше музиката што цело време се слушаше и играњето на навивачите во нејзиниот ритам. Но, и пред мечот интересно беше да се гледа низ градот како групи со оркестри се движат кон стадионот и ги повикуваат и другите да дојдат на натпреварот – вели Спасовски.
За атмосферата на легендарниот стадион во Рио, Дојчиновски вели дека тешко може да се опише со зборови, оти треба да се види и да се доживее.
– Веројатно имаше околу 100.000 гледачи, цело време сите беа на нозе, како да немаше седишта на стадионот, пеат, навиваат… Неверојатно. Неспоредливо – вели Дојчиновски.
На таа турнеја Спасовски и Дојчиновски одиграа уште еден цел меч против Бразил, во Бело Хоризонте (3-2 за Бразил, на 19 декември), а на дуелот со Аргентина во Мар дел Плата (1-1, на 22 декември) настапи Дојчиновски.