Од творештвото за деца на писателот Александар Прокопиев
Еден ден, едно шарено свилено шамиче ѝ се налути на мајка си и тргна низ светот да бара дете на кое му тече носот. Тоа беше многу малечко и сѐ уште не знаеше да избрише нечиј нос, не знаеше ни како изгледа дете, сепак киниса на долг пат.
Одеше, одеше, одеше и стаса пред една убава жолта куќа со црвен оџак од кој излегуваа витли чад. Храброто шамиче помисли дека куќата е дете, а оџакот нос.
– Не, не… јас сум куќа – го поправи таа. – Но, влези во моите одаи, можеби ќе најдеш некое дете.
Шамичето прекутрупа се најде во една широка, светла соба со голема тркалезна ламба на аголот.
– Ова мора да е главата на детето, но каде му е носот? – гласно се прашуваше малиот делија, заѕирајќи ја мазната ламба.
– Не, не… јас сум ламба. Почекај малку, Андреј само што не стигнал од училиште.
И, навистина. Во наредниот миг во собата втрча едно разбушавено главче со немирни кадрици, една радосна насмевка со низа бели каменчиња, едно носе-шмркле како препржено компирче.
– Те најдов, те најдов – извика шамичето. – Ела да ти го избришам носот!
Андреј шмркна, се насмеа без напор и го зграпчи шамичето:
– Токму ти ми требаш, ама за нешто сосема друго. Ќе ми помагаш во мојата нова точка.
Потоа, во долгата квечерина крај огнот, Андреј му раскажа на својот нов другар дека му е син на големиот магионичар Петроние и оти од утре заедно ќе ја подготвуваат новата точка – „Танцот на шарените шамичиња“!
Така, палавото шамиче стана голема ѕвезда во циркускиот шатор, па и пошироко. Секоја вечер пред воодушевената публика исчезнуваше во волшебната шапка, а потоа излетуваше како бел гулаб. Ваквиот живот беше возбудлив за него, а и постојано го тинтраа: го переа, го пеглаа, дури и го мирисаа со егзотични парфеми. Ноќе спиеше до срцето на Андреј, во горниот лев џеб на неговото жонглерско палто.
Во меѓувреме се смири и со мајка му и таа стана мошне горда на него. Лутината поради бегството од дома исчезна засекогаш. Сепак, и во возвишените мигови на сјај и блескот, кога најчуен аплауз се разлеваше низ шаторот, шареното свилено шамиче копнежливо погледнуваше кон носето на Андреј:
– Ах, да можам само еднаш да го избришам!
(Од книгата „Македонски раскази за деца“ преведена и на хрватски јазик)