Фото: Принтскрин

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино го обвини Западот за „лицемерие“ во известувањето за состојбата со човековите права во Катар пред Светското првенство, пишува Би-би-си.

На прес-конференција во Доха, Инфантино зборуваше речиси еден час бранејќи го Катар. Рече дека европските нации треба да се извинат за делата извршени во нивната историја, наместо да се фокусираат на прашањата за работниците мигранти во Катар.

-Денес имам силни чувства. Денес се чувствувам Катар, се чувствувам Арап, се чувствувам Африканец, се чувствувам геј, се чувствувам инвалид, се чувствувам како печалбар – рече Инфантино.

Домаќинот Катар го отвора турнирот против Еквадор на стадионот Ал Бајт во недела. Но, земјата се соочи со критики за непочитување на човековите права и за бројни смртни случаи на работници мигранти кои учествуваа во изградбата на стадионите и целокупната мундијалска инфраструктура.

-Ако Европа навистина се грижи за судбината на овие луѓе, тие можат да создадат правни канали – како што тоа го направи Катар – каде одреден број од овие работници можат да дојдат во Европа да работат. Дајте им иднина, надеж.Не морам да го бранам Катар, тие можат да се бранат. Јас го бранам фудбалот. Катар напредуваше, а чувствувам и многу други работи. Оваа еднострана морална лекција е само лицемерие, се прашувам зошто никој не го препознава напредокот што е направен овде од 2016 година. Не е лесно да се прифатат критиките за одлуката која е донесена пред 12 години. Катар е подготвен, тоа ќе биде најдоброто Светско првенство досега – рече шефот на ФИФА.

Катар беше под притисок да изгради центар за работници мигранти, а Инфантино најави и постојана канцеларија во Доха, по разговорите со катарската влада и Меѓународната организација на трудот (МОТ).