ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА
- Тимот ја оствари 10. победа по ред во сите натпреварувања, зголемувајќи го клупскиот рекорд, и стана само третиот тим што победил во секој од своите први пет европски меча. „Секогаш е дозволено да се сонува. Ако имате натпреварување како ова, сакате да го постигнете најдоброто можно. Знаеме дека е далеку. Има многу натпревари. Сега е најважно да влеземе меѓу првите осум за да избегнеме дополнителни натпревари, а потоа можеме да одиме чекор по чекор“, вели тренерот Марко Розе
Борнмут сонува да ја освои Лига Европа откако со 10 фудбалери победи на гости кај Селта во петтото коло и ѝ се придружи на избрана група тимови со победи на своите први пет европски натпревари, пишува „Би-би-си“. Англискиот премиерлигаш губеше со 1-0 на мечот со Селта, а потоа остана со 10 играчи на средината од првото полувреме, но со головите во второто полувреме, тимот ја оствари 10. последователна победа во сите натпреварувања, зголемувајќи го клупскиот рекорд.
Борнмут е само третиот тим што победил во секој од своите први пет европски натпревари (без квалификациите и вклучувајќи го и Купот на саемски градови), по Нирнберг во сезоната 1961/62 и Арарат во 1972/73, пишува „Би-би-си“.
Тимот сега е на врвот на табелата сезонава во Лига Европа како единствен клуб што има пет победи на пет натпревари и се приближува кон место меѓу првите осум, што би значело дека ќе го прескокне плејофот и ќе оди директно во осминафиналето.
– Секако дека тоа е нашиот сон. Кога растете сакајќи да бидете фудбалер, сонувате да освојувате трофеи. За играчите, сон е да бидат на теренот играјќи за овој клуб. Уште имаме победи за да се пласираме меѓу првите осум и оттаму целиот фокус е на одење напред и се надеваме дека можеме да продолжиме и да го освоиме – рече играчот од средниот ред Алекс Скот.
Борнмут е во невидени времиња, а неговиот најголем трофеј досега е кога го освои второлигашкото првенство во сезоната 2014/2015, пишува „Би-би-си“. Во однос на куповите, тој го освои „Купот на придружни членки“ во сезоната 1983/84, кој подоцна стана Трофеј на ЕФЛ.
– Секогаш е дозволено да се сонува. Ако имате натпреварување како ова, сакате да го постигнете најдоброто можно. Знаеме дека е далеку. Има многу натпревари. Сега е најважно да влеземе меѓу првите осум за да избегнеме дополнителни натпревари, а потоа можеме да одиме чекор по чекор – вели тренерот Марко Розе.
Освен што само победува во своите натпревари, Борнмут постигнува голови, па така, неговите играчи постигнаа барем два гола во секој натпревар за време на оваа серија од 10 победи и тој е првиот тим што постигнал барем два гола во секој од првите пет натпревари во Европа од Квинс Парк Ренџерс во 1976 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































