По две кола, пласман понатаму обезбедија Норвешка, Унгарија (група А), Шведска, Данска (група Б), Франција, Холандија (група Ц) и Црна Гора (група Д)
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ
Колку и да одигравме лошо досега, сепак, денеска имаме натпревар со Романија, во кој само со победа можеме да се пласираме во главната групна фаза. Играме против врвни ракометарки и затоа мораме да ги промениме пристапот, концентрацијата и реализацијата во нашата игра. Во моментов имаме четири-пет добри кадетки, но тие се многу млади и со нив не можеме да победиме сериозни селекции. Затоа треба да ги искористиме ракометарките што играат во странство. Ако девојките соберат сили, ги надминат грешките и ги искористат шансите во третиот натпревар, би можеле да ја победиме Романија, вели македонскиот селектор Љубомир Савевски пред решавачкиот дуел со Романија во Скопје, во групата Ц на Европското првенство (ЕП).
Селекцијата на Романија, која секогаш имала квалитетни играчки имиња, уште нема злато од ЕП. Со главната ракометна ѕвезда Кристина Неагу, Романија секогаш претставува опасна закана за секој ривал, а во составот е и Крина Пинтеа, ракометарка со големо искуство. Нивниот селектор Флорентин Пера дебитира во репрезентацијата. Романија го оствари најголемиот успех на ЕП во 2010 година, освојувајќи го бронзениот медал. Зад себе има и две четврти места остварени во 2000 и во 2018 година. Досега нема настап само на ЕП 2006, а на претходното ЕП, во Данска, во 2020 година, беше 12-та меѓу 16 репрезентации.
Македонија и Романија на ЕП меѓу себе играле само еднаш, и тоа во 2000 година во Романија, кога во Букурешт резултатот бил нерешен (19-19). Тогаш Романија беше четврта, а Македонија осма.
Но на светските првенства (СП) Романија има позабележителен успех, освојувајќи по едно злато (во 1962 година) и бронза (2015), и две сребра (1973 и 2005). Настапила на сите 25 СП, а на тоа во 2021 во Шпанија го освои 13-то место. На СП, Романија и Македонија одиграле три меча (една победа и два пораза). Во 1997 година, во шеснаесеттинафиналето, Македонките славеле (37-33), во 1999 година во четврт-финалето загубиле (21-33), а биле поразени (22-29) и на СП 2005.
На 15. Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Словенија (Љубљана и Целје), Македонија (Скопје) и во Црна Гора (Подгорица), веќе се познати седум селекции што по второто коло се пласираа во следната групна фаза, во која одат по три селекции од секоја група (репрезентациите од групите А и Б ќе играат во Љубљана, а селекциите од групите Ц и Д во Скопје). Тоа се Норвешка, Унгарија (група А), Шведска, Данска (група Б), Франција, Холандија (група Ц) и Црна Гора (група Д). Г.И.
Ристовска и Шмид одиграа најмногу минути
Македонското десно крило Сара Ристовска и Швајцарката Табеа Шмид се ракометарки што досега одиграле најмногу минути, и двете по еден час и 56 минути. Ристовска го има и вториот најбрз спринт (28,58 км/ч), веднаш зад Шпанката Мартинез Ечеверија (29,02 км/ч). Ристовска е втора и во категоријата истрчани км на теренот (9,6 км), а прва е Швајцарката Миа Еменегер (10,6 км). Најефикасна е Швеѓанката Натали Хагман со 18 гола од 26 шута (69,2 отсто), најсилен шут упатила Романката Бјанка Базалиу (114,98 км/ч), најдобра голманка засега е Германката Катарина Филтер со 22 одбрани од 64 удари (34,38 отсто), а Македонката Јована Мицевска е седма со 16/54 (29,63 отсто).
ГРУПА Ц, Скопје
Македонија – Романија 18 ч.
Франција – Холандија 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Франција 2 2 0 0 4
Холандија 2 2 0 0 4
Романија 2 0 0 2 0
Македонија 2 0 0 2 0