Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска информира дека се забележува благ тренд на зголемување на нападите од бездомни кучиња врз луѓе.
Денеска, како што посочи тој на прес-конференцијата во ЦУК, на координативната средба со претставници на МВР, АХВ, на ЗЕЛС, на Град Скопје, на Лајка, на Анима Мунди, Ветеринарна комора и Кинолошкиот сојуз се разговарало за овој, како што рече, исклучително комплексен проблем кој бара интердисциплинарно решение.
Според анализите од МВР кои ги побара ЦУК за нападите од улични кучиња во последните три години, Ангелов вели дека податоците се навистина сериозни. Имено, според податоците од МВР, во 2020 година има 1.062 напади од бездомни кучиња врз луѓе, во 2021 година има 1.315 пријавени напади, во 2022 година до крајот на октомври 1.283 напади на кучиња. Или, вкупно 3.660 напади за последните три години.
– За да биде состојбата посериозна, од овие напади врз луѓе, 498 се деца. Ако на тоа додадеме дека има одредена бројка на напади кои ги немаме во систем тогаш состојбата е уште поалармантна. Притоа вкупните бројки во последните три години по градови – во Скопје – 1 853 напади од кучиња, во Кичево – 439, Велес – 250, Струга – 177, Тетово – 170, Битола – 149, во Прилеп – 122, Гостивар – 98, Куманово – 75, Охрид – 50 – рече Ангелов.
Од неформални информации, како што посочи, во одредени општини бројот на напади е значително поголем од пријавените напади.
– Во Скопје сметаме дека аналитиката и статистиката се најпрецизни, каснатите граѓани се поучени од страна на адвокати дека за секој напад на куче може да добијат одредена оштета што ги мотивира граѓаните да ги пријавуваат сите напади. Ги повикувам сите засегнати граѓани кои ќе бидат нападнати од улично куче да го пријават нападот на бројот 112 од страна на МВР ќе бидат преземени сите соодветни мерки и на тој начин ќе воспоставиме и пообјективна контрола врз бројот на напади на улични кучиња врз граѓани на цела територија на државата – рече Ангелов.
Стратешки момент на кој треба да работиме организирано, рече Ангелов, е масовна стерилизација на уличните кучиња.
– Потребна е едновремена акција, а кога би била на идеален начин паравена би можеле отприлика за три месеци околу 75 посто од кучињата да бидат стерилизирани. Со 75 посто стерилизација на уличните кучиња нивниот број нагло ќе падне, бидејќи нема да можат да се размножуваат – вели Ангелов.