Меѓу построгите мерки на СП во Фишеров шах, кој заврши вчера, во Рејкјавик, беше присуството на лекар, кој на играчите им проверуваше дали во нивните уши има какви било трансмитери. Новите правила вклучуваа и петминутно одложување на преносот на партиите, за да се спречи каква било комуникација со надворешни извори, а во публиката беше присутен безбедносен персонал, облечен цивилно, кој бараше невербални знаци за комуникација со шахистите. На првенството на САД во шах за 2022 година, пак, беше одложен преносот на партиите во живо за 30 минути и се инвестираше во безбедносни уреди што можат да детектираат метал и силициум, кој, пак, може да ги скрие уредите за електронски пренос

Организаторите на Светско првенство (СП) во Фишеров шах, кое заврши вчера, воведоа нови безбедносни мерки за да се спречи евентуално мамење. Меѓу построгите мерки на турнирот, кој почна минатиот вторник, во Рејкјавик (Исланд), беше присуството на лекар, кој на играчите им проверуваше дали во нивните уши има какви било трансмитери, изјави организаторот на ова СП, Јоран Аулин-Јансон за „Дојче веле“.
Осум врвни играчи од целиот свет, вклучувајќи го и петкратниот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, се квалификуваа на турнирот, натпреварувајќи се за вкупен награден фонд од 400.000 долари (403.000 евра), а победникот доби 150.000.
– Кога Карлсен се повлече од престижниот турнир во Сент Луис, тоа ја разбуди целата шаховска заедница. Секој организатор беше принуден да почне да размислува што да прави против мамењето – вели Аулин-Јансон, кој е и потпретседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Мерките дојдоа откако американскиот велемајстор (ВМ) Ханс Ниман (19) неодамна поднесе тужба од 100 милиони долари против Карлсен за „клевета и за незаконско договарање да го стави на црната листа од професијата“, пишува „Дојче веле“. По поразот од Ниман во Сент Луис минатиот месец, Карлсен го обвини Ниман дека „мамел повеќе отколку што признал јавно“. Неколку недели по избувнувањето на скандалот, истрагата на „Чес“, една од најголемите онлајн шаховски платформи, објави дека Ниман „најверојатно“ мамел во повеќе од 100 партии на својата платформа. Платформата оттогаш ја забрани неговата сметка. Досега, ниту Карлсен ниту некој експерт не обезбедиле докази за наводното мамење на Ниман за време на партии лице в лице. Но, и покрај тоа, се зголеми притисокот врз организаторите на СП посериозно да го сфатат мамењето на играње во живо, почнувајќи од СП во Исланд.

КОИ СЕ НОВИТЕ МЕРКИ

Фишеровиот шах, или случаен шах, е форма на шах измислен од поранешниот американски светски шаховски првак Роберт Фишер, во кој почетните позиции на клучните фигури (освен пешаците) се компјутерски наместени случајно, по слободен избор, со тоа принудувајќи ги играчите да ги напуштат стандардните и веќе добропознати отворања што ги имаат проучено и запаметено. Покрај присуството на лекар, новите правила вклучуваа и петминутно одложување на преносот на партиите за да се спречи каква било комуникација со надворешни извори. Понатаму, во публиката беше присутен безбедносен персонал облечен цивилно, кој бараше невербални знаци за комуникација со шахистите, пишува „Дојче веле“.
– Ако видиме некое чудно однесување кај публиката, ќе почнеме да го снимаме. Чудно однесување би можело да биде, на пример, набљудување на релацијата помеѓу гледачот што си го чеша увото и движењето на таблата веднаш потоа – објаснува Аулин-Јансон.
На турнирот во Исланд организаторите очекуваа меѓу 100 и 200 гледачи секој ден во салата каде што се играше СП, кои мораа да ги депонираат сите електронски уреди, вклучувајќи ги и рачните часовници, како дополнителна претпазливост. Секој што ја напушташе зградата, пак, требаше да почека пет минути за да ги добие своите работи, за да ја блокира секоја можна комуникација со шахистите.
Организаторите на Светското првенство во Исланд ги информираа учесниците за новите мерки против мамење само неколку часа пред почетокот на партиите, но скандалот со мамење ги принуди и другите организатори на големи турнири да ја засилат својата безбедност. Шаховскиот клуб Сент Луис, кој неодамна го заврши одржувањето на првенството на САД во шах за 2022 година, го одложи преносот на партиите во живо за 30 минути и инвестираше во безбедносни уреди што можат да детектираат метал и силициум, кој, пак, може да ги скрие уредите за електронски пренос. Но новите чекори што се воведоа на СП во Рејкјавик претставуваат ново ниво на безбедност и се драстични од оние што беа во сила на натпреварувачките турнири пред скандалот Ниман-Карлсен, пишува „Дојче веле“.
– Порано ги проверувавме играчите повеќе случајно и беше посимболично од кога било. Мислевме дека мамењето е нешто што е онлајн проблем и не се смета за толку сериозно иако морално е исто – вели Аулин-Јансон.

КАКО СЕ ПОСТАПУВАШЕ ПРЕТХОДНО

Обвинувањата и познатите случаи на мамење во партиите не се без преседан во шаховската историја и ФИДЕ со својот авторитет интервенираше во некои случаи. Официјалните лица велат дека е тешко да се фатат измамниците, особено без цврст доказ. Во моментов, ФИДЕ спроведува сопствена истрага за тврдењата на Карлсен против Ниман, но исходот пред крајот на годината е малку веројатен поради сложеноста на случајот, вели Аулин-Јансон.
Додека мерките за безбедност се заоструваат, критичарите истакнаа дека правилата на турнирите предолго беа лабави. Алехандро Рамирез, кој ја освои титулата ВМ во 2004 година и победи на неколку турнири во Костарика и во САД, се сеќава на благата безбедност на настаните на највисоко ниво пред само една деценија.
– Се сеќавам дека играв турнири во Америка, каде што всушност можеше да ги користиш слушалките и да ги приклучиш на својот ајпод и да пуштиш музика – вели тој.
Но технологијата се развива брзо и организаторите треба да го достигнат чекорот, оти уредите за пренос сега можат да бидат доволно мали за да ги избегнат детекторите за метал, уред што вообичаено се користи на турнирите.
– Зуењето понекогаш е доволно за да означи нешто. И ако го добиете во вистинско време и знаете што значи, тоа може да ја промени битката. Во спорт како шахот, машините во денешно време можат да уништат велемајстор. Машините се многу подобри од нас во играта. И без построги регулативи, измамниците на крајот ќе станат попаметни. Не можеме да зависиме од добрата волја на играчите – смета Рамирез, кој моментно е главен тренер на шаховски тим на Универзитетот во Сент Луис (САД) и редовно коментира на шаховските турнири.

КОЛКУ СЕ ЕФИКАСНИ МЕРКИТЕ

Потпретседателот на ФИДЕ, Аулин-Јансон, пред СП во Исланд, изјави дека е уверен дека новите безбедносни правила ќе ги „држат измамниците во ред“.
– Ако играчот има каква било помош однадвор, тој ќе ги добие потезите пет минути откако ќе се случи тоа, така што ќе биде тешко за играчот – вели Аулин-Јансон.
Сепак, организаторите на помали настани можеби немаат буџет да инвестираат во цврсти безбедносни процедури, како што е, на пример, ангажирањето лекар, пишува „Дојче веле“.
– Домаќин на првенството на САД во шах е клуб што не се плаши да троши тони пари за шахот. Но ако сте мал организатор и се обидувате да организирате мал турнир, кои се мерките што може да се преземат? Не е толку лесно – вели Рамирез. Г.И.