Ако зборот македонизам подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот идентитет, јазик и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, како и во соседството, вклучувајќи и во Бугарија и во Грција, факти што научно и аргументирано се верификувани од МАНУ и од светската наука, тогаш документите што ги негираат тие факти промовираат невистини и лаги, а тоа се договорите со Грција и со Бугарија, кои Македонците и македонската јавност треба да ги отфрлат, порачаа научниците на трибината
Трибина на научната фела
Во организација на Здружението на историчари на Република Македонија (ЗИРМ) вчера се одржа научна трибина што беше насловена „Билатералните протоколи со Бугарија и импликациите за македонската наука и образование“. Научната трибина имаше цел да поттикне јавна академска дебата со која ќе се посочат импликациите на билатералните протоколи со Бугарија за македонската наука и образование. Трибината беше свечено отворена од страна на д-р Митко Панов, претседател на ЗИРМ, кој во своето обраќање пред присутните се осврна на македонско-бугарската комисија за историски прашања и Договорот за добрососедство, односно нивните негативни последици кон слободата на македонската историска мисла, но и воопшто кон сета научна мисла во Македонија. Тој нагласи дека од историските вистини на споменатата комисија ќе зависат содржините на македонските учебници, а протоколот се позиционира над Законот за научна и истражувачка дејност, со што се загрозува автономноста во научното истражување.
– Синтагмата за заедничка историја води кон нов идентитет. Историската комисија ја легитимира великобугарската политика што потекнува од 19 век – рече Митко Панов.
Воведно обраќање пред присутните имаше академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тој во своето обраќање нагласи дали можеме да замислиме алтернативна иднина за Македонија, па потоа да се обидеме да дојдеме до неа. Тргнувајќи од моменталната состојба и од фактот дека целиот општествен и политички систем во Македонија е надвор од контрола и тотален хаос, рече Коцарев. Според претседателот на МАНУ, договорите со Бугарија и со Грција треба да се разгледуваат заедно, а не одделно. Тие се две страни на една иста паричка.
– Ако зборот македонизам подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот идентитет, јазик и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, како и во соседството, вклучувајќи и во Бугарија и во Грција, факти што научно и аргументирано се верификувани од МАНУ и од светската наука, тогаш документите што ги негираат тие факти промовираат невистини и лаги, а тоа се договорите со Грција и со Бугарија. Тогаш Македонците и македонската јавност треба да ги отфрлат – рече Љупчо Коцарев.
Во рамките на научната трибина свое обраќање имаше и д-р Билјана Ванковска, која се осврна на неколку нешта. Ванковска посочи дека историјата ни затропа на врата во повеќе научни области, вклучувајќи ја и мојата. Не можам да предавам историја на политичкиот систем на Република Македонија без притоа да ми виси над глава Дамокловиот меч на закана, санкција, замолчување и етикетирање – рече Ванковска.
Свои обраќања пред присутните имаа и aкад. Ѓорги Поп Атанасов, проф. д-р Владимир Петрушевски, проф. д-р Тодор Чепреганов, проф. д-р Александар Атанасовски, проф. д-р Иванка Василевска, проф. д-р Елка Јачева Улчар, како и други.
На крајот од обраќањата на научната фела следуваше јавна дискусија, од која главниот заклучок се одвиваше во правец дека билатералните договори со Бугарија и со Грција се на штета на македонската научна мисла, како и македонската историографија, кои се наоѓаат под притисок на политиката. Според учесниците на научната трибина, македонското општество треба да ги отфрли споменатите договори, бидејќи тие задираат во националниот и историскиот идентитет на македонскиот народ и ја доведуваат македонската држава во потчинета положба. Според присутните, македонската наука треба да се обедини и да преземе дополнителни активности со цел да не се дозволи политичкиот притисок во образованието и науката. Исто така беа повикани и македонските медиуми да дозволат што поголем простор за овие прашања, со цел македонската јавност да биде навремено и точно информирана. Д. Ст.