УСАИД започна кампања за одбележување на 30 години од партнерство со Македонија. Патувачкиот караван „Инспирирај се за иднината“ прво го посети Охрид, каде пред присутните се обрати Џери Дајбл, претставничка на канцеларијата на УСАИД во земјава.
– Нашите програми беа насочени кон унапредување на децентрализацијата, промовирање на судските реформи, транспарентно владеење и иницирање решенија за е-влада – посочи Дајбл.
Додаде дека ја зајакнале конкурентноста на економијата, ги охрабриле странските инвестиции во македонски компании и како што вели, помогнале да се отворат работни места и ги зајакнавме претприемништвото и започнувањето бизнис.
– Исто така ја промовиравме и енергетската ефикасност, ја намаливме потрошувачката на енергија и помогнавме да се креираат политики за усогласување со регулативите на ЕУ. Дополнително, го зајакнавме образовниот систем, и тоа почнувајќи од основното училиште, па сè до универзитетското образование – додаде претставничката на УСАИД.
По поздравното обраќање на Дајбл, публиката на настанот во Охрид имала можност да го проследи мотивацискиот говор на реномираната млада дизајнерка Марта Пејоска, потоа авангардните креации на средношколците од „Нико Нестор“ од Струга, кои биле направени од рециклирани материјали под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, а изложени од средношколците од „Св. Климент Охридски“, потоа изложбата на фотографии и концерт на студентскиот џез-бенд при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Како што информираат од УСАИД, во рамки на одбележувањето на 30-годишнината, УСАИД ќе посети осум градови со патувачкиот караван, а предвидени се активности предводени од млади луѓе, ученици, наставници, уметници, претприемачи и други професионалци кои се вклучени во различните програми на УСАИД.
-Овие активности се спроведуваат со цел да се покажат резултатите од долгогодишната работа во партнерството со Северна Македонија, а со цел заеднички да создадеме средина во која секој ќе може да го оствари својот целосен потенцијал, велат од УСАИД.
По Охрид, од УСАИД соопштија дека карванот ќе патува и во Штип, Тетово, Битола, Кавадарци, Куманово, Струмица и Скопје. Посетителите во секој од градовите ќе можат да слушнат мотивациски говори на тема „Партнерството е сила“ од млади лидери и нивните лични предизвици и достигнувања, да проследат модна ревија „Рециклирана убавина“, чии креатори се средношколци од текстилните училишта во земјава, потоа да ја погледнат изложбата „Живот поминат заедно“ и да ги проследат изведба на студентите по музика, инспирирани од американскиот џез и македонските народни традиции.
Целта на овој караван, велат дека е да ги мотивира и да ги поттикне младите да се вклучат и активно да учествуваат во градењето одржлива иднина заедно.
Како дел од одбележувањето на оваа 30-годишнина, УСАИД во соработка со општините, ќе им овозможи на истакнати млади уметници заедно со учениците од средните училишта да креираат серија од осум мурали на темата „Партнерство за подобра иднина“, кои ќе бидат нацртани на видливи места во градовите каде што ќе патува карванот.