Турција

Турските цвеќарници сега користат товарни авиони наместо камиони за да испратат што е можно повеќе цвеќиња во Велика Британија. Ваквиот развој на настаните се должи на зголемената побарувачка на цвеќиња по смртта на кралицата Елизабета Втора, пренесува „Ројтерс“.
– Нарачките за сечено цвеќе се зголемија за 90 отсто откако умре кралицата – вели Селџук Челеби, член на стоковната берза во Анталија.
Тој додава дека турските цвеќарници можеле да задоволат само околу 40 отсто од побарувачката.
Во Анталија е крај на сезоната. Се наоѓаме во период кога производството во планинските области на Испарта опаѓа – изјави Челеби.
Според него, зголемувањето на побарувачката ги натера цвеќарниците да ангажираат авиони за нивните испораки во Британија, што трае еден ден, во споредба со камионите, каде што испораката трае една недела.
„Туркиш карго“, филијала на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, објави дека почнала да испорачува повеќе од 500.000 цвеќиња, тешки околу 13 тони, во Англија за погреби од турските провинции Анталија и Испарта.
Турски карго од почетокот на неделата до Лондон испорача околу четири тони цвеќе – се наведува во соопштението.
Во периодот од 5 до 12 септември официјалните податоци покажуваат дека извозот на цвеќе од Турција во Англија е зголемен за 40 отсто во однос на минатата година, наведува „Ројтерс“.