Јана Бауер, словенечка писателка

Јана Бауер е авторка за деца и за млади (р. 1975, Љубљана), дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија, насока драматургија. По нејзиниот роман „Исчезнувач на вештерки“, номиниран за наградата „Вечерница“, следуваа делата: „Волшебен збор“, „Во земјата на медењаците“, „Детективските случки на Фокус и Колумна“, „Тајната на ограбената гробница“, „Во плашливиот хотел“, „Грозовилата во Страшната шума“, „Грозовилата и дивата зима“, „Динг-донг приказни“ и „Како да се исплаши плашило“. Во 2020 година е добитничка на наградата на книжевниот фестивал „Друга приказна“, кој го организира издавачката куќа „Темплум“. Нејзините книги „Грозовилата во Страшната шума“ и „Грозовилата и дивата зима“ се преведени и кај нас, во издание на „Артконект“.

Како дојде идејата за ликот наречен Грозовила?
– Името го измисли син ми уште кога одеше во градинка. Цела вечер пееше „грозовила, грозовила“, што на словенечки буквално значи страшна самовила. Тоа ми беше интересно, бидејќи самовилите обично не се страшни. Мислев дека е бајка што ја читале во градинка, но кога Гугл потврди дека грозовилата всушност не постои вистински, јас си ја присвоив. Секако, син ми доби голема кутија лего за да ги наплати авторските права. Добив име, но потоа мораше да се создаде ликот. И така, наративот никна од името на насловниот лик. Нејзиниот лик и веројатно целиот дух, тонот на приказната, имаат врска со родното место на татко ми, каде што го поминав најголемиот дел од моите одмори. Таму речиси секој камен носи приказна од еден или друг вид, најчесто со примеси на ужас или горчина, но и на остроумност, генијалност и бунтовност. Има нешто ужасно во ова место и неговите шуми. И во неговите жители. И во мене има малку ужас.
Како ги создавате детските ликови?
– Уживам да читам книги во кои ликовите се верни на себе, на своите навики, на околината, но потоа прават нешто изненадувачко, неочекувано. Или некоја ситна пакост ги исфрла од колосек. Сакам чудност, секој од нас крие понекоја. А колку е тоа лоша особина, кога имаш многу брилијантни квалитети, можеш да ме разбереш. Се разбира, зависи од тоа како ќе ги зајакнеме или скротиме овие особини. Ми оди на нерви кога јунаците од литературата за деца се премногу едноумни, во последно време ми се чини дека се прошири некаква уредувачка цензура што диктира поедноставување на литературата за деца. Зошто? Зарем животот на детето не е сложена работа, со сите плусови и минуси? Со цела палета емоции, вклучувајќи ги и негативните. Размислете само за вашето детство. Затоа Грозовилата има доста такви пороци. На пример, таа пцуе и вреска, а понекогаш дури и се однесува лошо. Дури со тупаници ако е потребно. Но, покрај овие лоши карактеристики, има и својства што се многу посуштински. Таа е храбра, љубезна и секогаш подготвена да ги стегне тупаниците ако некоја лакома верверица со црвена капа сака да ја изеде целата храна на животните оставена за зимата.
Каква симболика носи прабабата во вашите приказни?
– Сум слушнала многу приказни за мојата прабаба, која како млада девојка го барала својот татко во Њујорк. Нејзината мајка лукаво ја убедила да се врати дома, барем за посета. Во меѓувреме веќе имаа направено план да ја задржат дома. Секако, во игра беше и мојот прадедо. Така, мојата прабаба на крајот реши да остане дома и да се омажи. Меѓутоа, се чини дека нашиот аскетски прадедо некако не ѝ одговарал. Можеби зажалила што не останала во Њујорк, кој во тоа време бил како земја на чудата, таму се развивал филм, се граделе облакодери, имале струја и работи што не можеше ни да се замислат во словенечките села во тоа време. Судејќи според нарацијата, прабаба ми била доста каприциозен лик. Меѓу другото, таа го прекори прадедо ми што не пие и не пуши, дека ни крлежи, ни вошки не го сакаат. Каков човек е тој воопшто? Ова не е маж. Иако прабабата на Грозовилата е, се разбира, измислена и претерана во своето однесување, приказните што ги слушнав за мојата прабаба, која починала пред да се родам, ми оставија голем впечаток. Мислам дека и двајцата се на некој начин заробеници на неостварениот живот, кој ги направил огорчени, груби и намќорести.
Какви прашања поттикнува Грозовилата во детските микросветови, на што ги учи?
– Се надевам дека во ова време, кога информации летаат од сите страни, им кажува на децата дека од суштинско значење е да размислат сами. Дека понекогаш се потребни многу тврдоглавост и храброст ако сакате да го следите она што е правилно, да се осознаат своето срце и сензибилитет, што навистина е тешко. Нѐ убиваат немањето време, зависноста од секакви екрани, вербата во сопствените проблеми, како и мрзеливоста и обесхрабрувањето и слични работи. Во тој поглед, читањето нè реактивира, во исто време ни се будат и некои емоции што се будат и кај херојот од книгата. Сите можеме да прочитаме повеќе.
Што сакате да внесете во светот на децата со своите приказни?
– Најчесто ме инспирираат други приказни, наративи, луѓе што ги набљудувам, мали секојдневни работи што можат да станат смешни ако ги погледнете од поинаков агол. Можеби немаше да биде поинаку ако пишував и за возрасни. Сепак, секогаш останувам со литературата за млади, во овој свет се чувствувам како дома. И можам само да се надевам дека некој ќе се чувствува како дома во светот на мојата литература.