Театарот за деца и младинци од Скопје гостува на 9. Меѓународен фестивал на кукларство во Подгорица, Црна Гора, со претставата „Палешка“ (според мотивите од бајката „Палешка“ од Ханс Кристијан Андерсен), во режија на Давор Драгојевиќ. Во претставата играат актерите: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.
Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата, како и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов, која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности.
Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните.
„Палешка“ ќе биде во конкуренција со претстави од Шпанија, Србија, Словачка и Црна Гора.