Здрава храна
Смоквите, кои периодов можете да ги купите на нашите пазари, освен зрели, може да се јадат и сушени. Освен што имаат малку калории, на 100 грама само 74, во свежите смокви има: каротин, танин, лутеин, хлорогенска киселина и витамините А, Е, Ц и К, кои штитат од старост, малигни заболувања и срцеви болести. Ова вкусно и здраво овошје го намалува и крвниот притисок, бидејќи содржи калиум што помага во тоа. Исто така, смоквите го држат нивото на шеќерот во крвта под контрола, ни даваат енергија и го подобруваат нашето расположение. Токму затоа најдобро е да се јадат наутро.
Бидејќи имаат малку калории, смоквите се идеални за слабеење, добар извор се на диетални влакна, а и даваат чувство на ситост. Гликозата и фруктозата претставуваат здрава замена за белиот, индустриски шеќер. Смоквите содржат многу железо, фосфор, калциум, магнезиум… Тие содржат големо количество вода и природни шеќери, така што се корисни за заздравување од исцрпеност и за детоксикација.
Смоквите содржат големо количество витамин Б-комплекс, кој му дава енергија на вашето тело, ја прави кожата поеластична и ги зајакнува мускулите. Друга придобивка од витаминот Б-комплекс е тоа што ја подобрува работата на мозокот, а со тоа и концентрацијата и меморијата.